1Не нам, Господи, не нам, туку на Твоето Име дај му Слава, заради Твојата милост и вистина.
2Зошто да зборуваат многубошците: „Каде е сега нивниот Бог?”
3Нашиот Бог е на небесата, прави сè што ќе Му се допадне.
4Нивните идоли се сребро и злато, дело на човечките раце.
5Уста имаат, а не говорат; очи имаат, а не гледаат;
6уши имаат, а не слушаат; ноздри имаат, а не мирисаат;
7раце имаат, а не фаќаат; нозе имаат, а не одат; глас не излегува од нивното грло.
8Такви се и оние, што ги направија, и сите кои се надеваат на нив.
9Израелев доме, надевај се на Господа! - Тој е нивни штит и помошник.
10Аронов доме, надевај се на Господа! Тој е нивни штит и помошник.
11Почитувачи Господови, надевајте се на Господа! Тој е нивни штит и помошник.
12Господ ќе си спомни за нас, и Тој ќе нè благослови: ќе го благослови Израелевиот дом, ќе го благослови Ароновиот дом,
13ќе ги благослови оние, кои се бојат од Господа, и малите и големите.
14Да ве намножи Господ, вас и вашите синови!
15Да ве благослови Господ, Кој ги создаде небото и земјата!
16Небесата се Господови небеса, а земјата им ја даде на човечките синови.
17Не, мртвите не Го фалат Господа, никој од оние, што слегоа во тишина.
18Но ние, ние Го славиме Господа, сега и довека. Алилуја!