Proverbs 4
1 Слушајте ја, деца, татковата поука и внимавајте за да ја сознаете мудроста,
2 зашто ви давам добра наука: Не оставајте го мојот закон.
3 И јас бев син на својот татко и нежен единец на својата мајка;
4 и тој ме учеше и ми зборуваше: „Задржи ги моите зборови во своето срце, почитувај ги моите заповеди, и ќе живееш.
5 Придобивај мудрост, придобивај разум, не ги заборавај и не отстапувај од зборовите на мојата уста.
6 Не ја оставај, и ќе те чува; љуби ја и ќе те одбрани.
7 Почетокот на мудроста е: придобивај мудрост за себе и со сиот свој имот придобивај разум.
8 Величај ја и ќе те возвиши; кога ќе ја прегрнеш ќе ти донесе слава,
9 ќе ти стави прекрасен венец на главата, и ќе ти подари славна круна.”
10 Послушај, сине мој, прими ги моите зборови и ќе се умножат годините на твојот живот.
11 Те поучив на патот на мудроста, те вратив на правите патеки.
12 Не ќе ти се заплеткаат чекорите кога ќе почнеш да одиш; ако се растрчаш, нема да се сопнеш.
13 Држи се цврсто за поуката, не ја пуштај, пази ја, зашто таа ти е живот.
14 Не оди по патеките на нечесните и не оди по патот на лошите.
15 Остави го, не оди по него, отстранувај се од него и заобиколувај го,
16 зашто тие не спијат ако не направат зло, и сонот не им иде ако не го голтнат некого.
17 Зашто го јадат лебот на нечесноста и го пијат виното на насилништвото.
18 А праведничката патека е како светлината на разденувањето, што е сè појасна до полниот ден.
19 А патот на нечесните е како темнина, не знаат на што ќе се сопнат.
20 Сине мој, внимавај на моите зборови, наведни го своето уво кон моите беседи;
21 не ги губи никогаш од пред очите, пази ги среде своето срце;
22 зашто се живот за оние кои ги наоѓаат и исцелување на сето нивно тело.
23 А над сè чувај го своето срце, зашто животот извира од него.
24 Држи ја далеку од себе лажливата уста, и оддалечувај ги од себе измамливите усни.
25 Нека твоите очи гледаат право напред, и нека твојот поглед биде секогаш прав.
26 Внимавај на патеката по која одиш, и нека сите твои патишта бидат постојани.
27 Не свртувај ни десно ни лево; држи ја својата нога далеку од злото.