1Подобро е залаг сув леб во мир, отколку куќа со расправии, полна со печена жртва.
2Разумниот слуга владее над синот на срамот и ќе дели наследството со браќата.
3Топилницата е за сребро, а печката за златото, а самиот Господ го испитува срцето.
4Злочинецот ги слуша лажливите усни, а лажливецот го прислушкува погубувачкиот јазик.
5Кој му се потсмевнува на сиромашниот, Му се потсмевнува на неговиот Создател, и кој се радува на несреќата, не останува без казна.
6Внучињата се венец на старците, а синовите се слава на нивните татковци.
7Не му прилега на лудиот возвишена беседа, а уште помалку на началникот лажливи усни.
8Подарокот е драгоцен камен во очите на оној што го дава: каде и да се заврти, успева.
9Кој го прикрива престапот, бара љубов, а кој шири клеветнички гласови, ги скарува и најинтимните пријателите.
10Изобличувањето го притиска разумниот повеќе, отколку сто удари безумниот.
11Лошиот човек оди сам по злото, но жесток гласник се испраќа против него.
12Подобро е да нагазиш на мечка, чии мечиња се грабнати, отколку на безумник во неговата лудост.
13Кој враќа зло за добро, не ќе ја отстрани несреќата од својот дом.
14Започнувањето на караница е исто како да се пушти поплава, и затоа пред да избувне караница оддалечи се!
15Кој го оправдува виновникот и кој го осудува правиот, двајцата Му се омразени на Господа.
16Зошто е богатството во рацете на безумникот за да купи мудрост со нив, кога нема разум!?
17Пријателот љуби во секое време, а во неволја станува и брат.
18Неразумниот човек дава рака и емчи пред својот ближен.
19Гревот го љуби кој ја љуби препирката, и кој ја издига високо својата врата, бара пропаст.
20Опакиот во срцето не наоѓа добро, и кому јазикот му е лош, западнува во несреќа.
21Кој ќе роди безумник, на тага му е; а не е весел ни таткото на лудиот.
22Веселото срце е одличен лек, а невеселиот дух ги суши коските.
23Нечесниот прима подарок од под пазуви, за да ги искриви патиштата на правдата.
24Разумниот ја има мудроста пред себе, а очите на безумниот се кон крајот на земјата.
25Безумниот син е грижа на татка си и жалост на својата мајка.
26Не чини да биде казнуван праведникот, а не е право ни да бидат биени благородните.
27Разумниот се воздржува во своите зборови, а трпеливиот човек е благоразумен.
28И глупецот се смета за мудар кога молчи, и за разумен, кога ги воздржува своите усни.