Proverbs 11MKB

1Лажната мерка гнасна е на Господа, а полната мерка му е угодна.

2Со гордоста доаѓа срамот, а мудроста е во смирените.

3Праведните ги води нивната невиност, а безбожниците ќе ги погуби нивното лукавство.

4Богатството не помага во денот на Божјиот гнев, а правдата избавува од смрт.

5На непорочниот правдата му го исправува неговиот пат, а нечесниот пропаѓа од својата нечесност.

6Справедливите ги избавува нивната правда, а беззакониците се фаќаат во својата злоба.

7Кога лошиот човек умре, надежта му пропаѓа, и надежта и очекувањето на грешникот се рушат.

8Праведникот се спасува од беда, а нечесниот доаѓа на неговото место.

9Лицемерот го убива, со устата, својот ближен, а праведниците се избавуваат со знаење.

10Градот се радува на успехот на праведниците и воскликнува заради пропаста на нечесниот.

11Со благословот на праведните градот се воздига, а со устата на нечесните се разурнува.

12Неразумникот го презира својот ближен, додека умниот човек молчи.

13Кој оди со клеветата, ја открива тајната, а човек со верен дух ја чува тајната.

14Каде нема раководство народот пропаѓа, а при многу советници, тој се избавува.

15Многу лошо поминува кој емчи за друг, а без страв е кој го мрази емството.

16Благочестивата жена придобива слава, а трудољубивите мажи богатство.

17Милостивиот човек сам си прави добро, а жестокиот го измачува сопственото тело.

18Нечесниот човек придобива измамлива печалба, а кој сее правда, има сигурна награда.

19Кој е цврст во справедливоста, оди во живот, а кој трчи по злото, за смрт му е.

20Одвратни му се на Господа нечесните во срцето, а непорочните во патот му се благоугодни.

21Навистина, зол човек не ќе помине без казна, а потомството на праведникот ќе се избави.

22Златна обетка на носот на свињата: таква е убава жена а без разум.

23Праведничката желба е само добро, а очекувањето на нечесните гнев.

24Кој дели изобилно, сè повеќе има, а кој скржави сè е посиромашен.

25Благотворната душа наоѓа поткрепа, а кој ги напојува другите, сам ќе се напои.

26Кој не дава жито, народот го колне, а благословот е над главата на оној што го продава.

27Кој се стреми кон добро, наоѓа милост, а кој оди по злото, тоа ќе го снајде.

28Кој се надева на богатство, пропаѓа, а праведните ќе цветат како зелено лисје.

29Кој ја запустува својата куќа, ќе наследи ветер, а неумниот му е слуга на умниот по срце.

30Праведниковиот плод е дрво на животот, а мудрец е, кој придобива души.

31Ако на праведникот му се плаќа за заслуженото на земјата колку повеќе на нечесниот и на грешниот.

Библија (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет, превод Душан Х. Константинов Copyright © 1999, 2004 by Loukas Foundation, The Netherlands

Choose Translation

Switch translation for Proverbs 11.

Reading Settings

Paragraph viewDisplay verses as flowing paragraphs instead of individual lines
Show verse numbersDisplay verse numbers inline
Red letterHighlight the words of Christ in red

Sign in to save your reading preferences across sessions.