1Со жрепка му падна и делот на Манасиевото племе, зашто Манасиј беше Јосифов првенец. На Махир, Манасиевиот првенец, Галадовиот татко - тој беше воин - му припаднаа Галад и Васан.
2Свој дел добија и другите Манасиеви синови според своите семејства: синовите Авиезерови, синовите Хелекови, синовите Азрилови; синовите Сихемови, синовите Еферови и синовите Семидини. Тоа се машките потомци на Манасиј, Јосифовиот син, според своите семејства.
3А Салпад, синот Еферов, синот Махиров, синот Манасиев, немаше синови, туку само ќерки. Еве им ги имињата: Мала, Нуја, Егла, Мелха и Терса.
4Тие дојдоа пред свештеникот Елеазар и пред Исуса, Навиновиот син, и пред главатарите, говорејќи: „Господ му заповеда на Мојсеја да ни се даде и нам наследство меѓу нашите браќа.” И им дадоа по Господовата заповед наследство меѓу браќата на нивниот татко.
5Така му припаднаа десет делови на Манасиј, освен земјата Галадска и Васанска, што се од онаа страна на Јордан.
6Манасиевите ќерки добија наследство меѓу своите синови, а галадската земја им припадна на другите Манасиеви синови.
7Манасиевата меѓа одеше од Асир до Михмет, што лежи спроти Сихем, а потоа свртуваше десно до жителите на Ен-Тафуј.
8Покраината Тафуј му припаѓаше на Манасиј, но самиот Тафуј на Манасиевата меѓа им припаѓаше на Ефремовите синови.
9Меѓата влегуваше до потокот Кана. Јужно од потокот беа и овие градови што им припаѓаа на Ефремовите синови од Манасиевите градови; А Манасиевата земја се наоѓаше на север и излегуваше на море.
10Подрачјето на југ му припаѓаше на Ефрем, на север на Манасиј, а морето им беше меѓа; на север граничеа со Асир, а на исток со Исахар.
11На Манасиј му припаѓаа во Исахар и во Асир; Вет-Сан со своите села, Ивлеам со своите села, жителите на Дор со своите села, жителите на Мегид со своите села; и така: три подрачја.
12Но Манасиевите синови не можеа да ги освојат тие градови, и затоа Ханаанците останаа во тој крај.
13Но кога Израелевите синови зајакнаа, им наметнаа на Ханаанците данок, ама не успеаја да ги протераат.
14Тогаш Јосифовите синови му се обратија на Исуса и прашаа: „Зошто ни даде во наследство според една жрепка, само еден дел, кога сме многубројни и Господ нè благословуваше досега?”
15Исус им одговори: „Штом сте многуброен народ, отидете во горите и расчистете си таму земја во ферезејската и рафајската околија, ако ви е претесна Ефремовата Гора.”
16А Јосифовите синови рекоа: „Оваа гора не ќе ни биде достатна, а сите Ханаанци кои живеат во рамницата имаат железни коли, тие што се во Вет-Сан и во нивните села, и тие што се во Езраелската Долина.”
17Тогаш Исус му одговори на Јосифовиот, и Ефремовиот и Манасиевиот дом: „Вие сте многуброен народ и имате голема сила. Затоа не ќе добиеш само една жрепка:
18гората нека биде твоја. Ако е со дрва, исечи ги, па стрмината ќе биде сопственост на твојот дом. Ќе ги изгониш безбедно Ханаанците и ако имаат железни коли, и ако се јаки.”