Job 3MKB

1Потоа Јов ја отвори својата уста и го проколна својот ден;

2ја почна својата беседа и рече:

3„О, да загинеше денот во кој се родив и ноќта што соопшти: „Се зачна машко!”

4Тој ден нека стане црна темнина! Бог од висините да не си спомнува за него, сончевата светлина да не го осветлува повеќе!

5Мракот и смртната сенка да се отимаат за него, густата темнина да го покрие сосем, дневните смрачувања да го морат со страв!

6О, темнината да го присвои сиот, нека не им се додава на деновите на годината, нека не влегува во броењето на месеците!

7А онаа ноќ да биде жалосна довека, да не се чуе радосно воскликнување во неа!

8Да ја проколнат оние, што го проколнуваат денот и што се способни да го разбудат Левијатанот!

9Да се помрачат ѕвездите на нејзиното разденување, напразно таа да и се надева на виделината, и да не ги гледа никогаш веѓите на зората!

10Зашто не ми ја затвори вратата од утробата, да ја скрие маката од моите очи!

11Зошто не сум мртов од мајчиното крило, зошто не издивнав излегувајќи од утробата?

12Зошто ме прифатија двете колена и двете гради, за да ме надојат?

13Во вечен мир би почивал сега, би спиел, својот покој би го уживал.

14Заедно со цареви и со советниците на земјата, кои си изградија гробници за себеси,

15или со кнезовите, богати со злато, што ги наполнија своите куќи со сребро.

16Не ќе постоев - ќе бев како закопано недоносче, како новороденче што не ја виде светлината.

17Беззакониците не беснеат веќе таму, уморените наоѓаат починка таму.

18Таму ги оставаат на мир заробениците: не го слушаат веќе гласот на стражарот.

19Малиот лежи таму заедно со големиот, робот е слободен од својот господар.

20Зошто да му се подари видело на несреќникот и живот на луѓето со загорчена душа,

21кои ја бараат смртта, а таа не доаѓа и копаат по неа како по богатство?

22Тие ќе се радуваат и ќе воскликнуваат од среќа кога би го нашле својот гроб.

23Зошто му е тоа на човекот, чиј пат е скриен, кого Бог го заградил од сите страни.

24Затоа гледајќи храна, треба да воздивнам, моите крици се разлеваат како вода.

25Се обистини моето стравување, еве, ме снајде она од што се боев.

26Ни покој ни мир нема веќе за мене, во моите маки никогаш немам починка.”

Библија (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет, превод Душан Х. Константинов Copyright © 1999, 2004 by Loukas Foundation, The Netherlands

Choose Translation

Switch translation for Job 3.

Reading Settings

Paragraph viewDisplay verses as flowing paragraphs instead of individual lines
Show verse numbersDisplay verse numbers inline
Red letterHighlight the words of Christ in red

Sign in to save your reading preferences across sessions.