Genesis 50MKB

1Јосиф падна на лицето на татка си, го облеа со солзи и го изљуби.

2Потоа Јосиф им нареди на лекарите, кои беа во негова служба, да го балсамираат татка му; и тие го балсамираа Израел.

3Поминаа четириесет денови: имено, толку трае балсамирањето. Египетците го оплакуваа седумдесет денови.

4А кога помина времето на жалост, Јосиф им рече на фараоновите придворници: „Ако имате пријателство кон мене, пренесете го ова во ушите на фараонот:

5мојот татко ме заколна велејќи: ‘Кога ќе починам, погреби ме во гробот што си го приготвив во Ханаанската Земја!’ Дозволи ми да одам горе и да го погребам таткото, а тогаш ќе се вратам.”

6Фараонот одговори: „Оди горе и погреби го својот татко како што те заколна.”

7Така Јосиф отиде да го погребе таткото. Со него тргнаа и сите фараонови службеници - старешините на неговиот дворец и сите достоинственици на Египетската Земја;

8целото Јосифово семејство, неговите браќа и татковото семејство. Единствено нивните деца, нивните овци и говедата останаа во Гесенската Земја.

9Со него одеа и коли и коњаници: тоа беше многу долга поворка.

10Откако стигнаа во Горен Атад, отаде Јордан, одржаа таму големо и силно плачење. Јосиф направи седумдневна жалост по татка си.

11Кога жителите на таа земја, Ханаанците, го видоа тажењето во Горен Атад, рекоа: „Тоа е голем плач на Египетците!” Затоа го нарекоа тоа место Авел-Мисраим (Египетски Плач), што е отаде Јордан.

12Јакововите синови направија како што им нареди таткото:

13го однесоа во Ханаанската Земја и го погребаа во пештерата во нивата Махпела, кај Мамвриј, во полето што Авраам го купи од Хетеецот Ефрон за погребување.

14Откако го погреба татка си, Јосиф се врати во Египет - тој, неговите браќа и сите, кои отидоа да го погребат татка му.

15Кога Јосифовите браќа видоа дека почина татко им, рекоа: „Што! ако е Јосиф лут на нас и ако се обиде да ни врати за сето зло што му го направивме?”

16Затоа му порачаа на Јосифа: „Пред својата смрт татко ти порача:

17‘Речете му вака на Јосифа: „Прости им ги на своите браќа злото и гревот, зашто постапија толку сурово кон тебе.”‘ И така, прости им ја навредата на слугите на Бога на твојот татко!” На тие зборови Јосиф се расплака.

18Тогаш неговите браќа дојдоа сами кај него, се фрлија пред него и му рекоа: „Еве нè кај тебе да ти бидеме робови!”

19Јосиф одговори: „Не бојте се! Па зар сум јас место Бога!

20Освен тоа, иако имавте вие намера да ми сторите зло, Бог го сврте тоа кон добро: да направи тоа што се случува денес - да спаси живот на голем народ.

21Затоа не бојте се! Јас ќе се грижам за вас и за вашите деца.” Така ги смири со љубезни зборови.

22Јосиф остана во Египет заедно со својот и со татковиот род; Јосиф живееше сто и десет години.

23Така Јосиф ги виде Ефремовите деца до третото колено; а му се раѓаа деца и на Махир, синот Манасиев, на Јосифови колена.

24Најпосле Јосиф им рече на браќа си: „Еве, јас ќе умрам скоро, но Бог, навистина, ќе се сети за вас и ќе ве изведе од земјава во земјата што им ја вети, под заклетва, на Авраама, Исака и Јакова.”

25Тогаш Јосиф ги заколна Израелевите синови: „Бог вистина ќе се сети за вас, и тогаш изнесете ги моите коски оттука!”

26Јосиф умре кога му беа сто и десет години; го балсамираа и го положија во ковчег во Египет.

Библија (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет, превод Душан Х. Константинов Copyright © 1999, 2004 by Loukas Foundation, The Netherlands

Choose Translation

Switch translation for Genesis 50.

Reading Settings

Paragraph viewDisplay verses as flowing paragraphs instead of individual lines
Show verse numbersDisplay verse numbers inline
Red letterHighlight the words of Christ in red

Sign in to save your reading preferences across sessions.