Genesis 13
1 Така Аврам излезе од Египет кон Негев, (на југ) со својата жена и со сè што имаше, и Лот отиде со него.
2 Аврам беше многу богат со добиток, сребро и злато.
3 Одеше од место до место, од јужната страна до Ветил,
4 до местото каде го имаше оптегнато неговиот шатор отпорано, меѓу Ветил и Гај, и каде подигна жртвеник. Таму Аврам го повика Господовото име.
5 Исто и Лот, кој го придружуваше Аврама, имаше овци, говеда и шатори,
6 така што земјата не можеше да ги издржува доколку останеа заедно. Нивниот имот беше голем и не можеа да престојуваат заедно.
7 Меѓу пастирите на Аврамовиот добиток и пастирите на Лотовиот добиток, избувнуваше спор. Во тоа време Ханаанците и Ферезејците живееја во таа земја.
8 Затоа Аврам му рече на Лота: „Да не спориме јас и ти, ни моите пастири и твоите пастири, зашто сме браќа.
9 Не е ли пред тебе целата земја? Оддели се од мене! Ако тргнеш налево, јас надесно; ако тргнеш надесно, јас налево.”
10 Лот ги подигна очите и согледа колку е добро наводнувана Јорданската Долина, како некаква Господова градина, како Египетската Земја сè до Сигор, пред Господ да ги истреби Содом и Гомор.
11 Затоа Лот ја избра целата Јорданска Долина и замина на исток. Така се одделија еден од друг.
12 Аврам остана во Ханаанската Земја, додека Лот живееше во градовите на рамницата и ги преместуваше своите шатори до Содом.
13 А жителите на Содом беа многу зли и грешни пред Господа.
14 Господ му рече на Аврама, откако Лот се оддели од него: „Подигни ги своите очи, од местото каде си, и погледај кон север, југ, исток и запад,
15 зашто сета земја, што можеш да ја видиш, ќе ти ја дадам тебе, и на твоето потомство довека.
16 Ќе го направам твоето потомство како прав на земјата. Ако некој може да го изброи правот на земјата, тогаш ќе може да го преброи и твоето потомство.
17 Стани! Помини ја земјата надолж и нашироко, зашто тебе ќе ти ја дадам.”
18 Тогаш Аврам ги крена шаторите и дојде и се насели при дабот Мамра, што е во Хеврон. Таму Му направи жртвеник на Господа.