Ezekiel 48MKB

1А ова се имињата на племињата: од крајниот север покрај патот за Етлон кон влезот во Емат и Асар Енан, од Дамасканскиот крај на север вдолж Емат, од исток до запад - Дановиот дел.

2Покрај Дановото подрачје, од исток до запад - Асировиот дел.

3Покрај Асировото подрачје, од исток до запад - Нефталимовиот дел.

4Покрај Нефталимовото подрачје, од исток до запад - Манасиевиот дел.

5Покрај Манасиевото подрачје, од исток до запад - Ефремовиот дел.

6Покрај Ефремовото подрачје, од исток до запад - Рувимовиот дел.

7Покрај Рувимовото подрачје, од исток до запад - Јудиниот дел.

8Покрај Јудиното подрачје, од исток до запад - нека биде задржано подрачјето што ќе Му го принесете на Господа; дваесет и пет илјади лакти во ширина, а во должина како секој друг дел, од исток до запад. Светилиштето нека биде во средина.

9Тоа задржано подрачје што ќе Му го принесете на Господа, нека биде долго дваесет и пет илјади лакти, широко десет илјади.

10Тоа свето, принесено подрачје за свештениците нека биде на север дваесет и пет илјади лакти; кон запад широко десет илјади; кон исток широко десет илјади; кон југ долго дваесет и пет илјади. Господовото Светилиште нека биде во средина.

11А на посветените свештеници, на Садоковите потомци, кои што Ми служеа верно и не застранија, како левитите, кога застранија Израелевите синови:

12ним ќе им припадне дел од тоа најсвето подрачје на земјата, покрај левитското подрачје.

13А на левитите, исто како и на свештеничкото подрачје: дваесет и пет илјади лакти во должина и десет илјади лакти во ширина - вкупно дваесет и пет илјади лакти во должина, десет илјади во ширина.

14Од тоа ништо не смее да се продаде ни да се замени; врз никого не смее да се пренесува таа првина на земјата, зашто Му е посветена на Господа.

15Пет илјади лакти во ширина, што ќе останат од оние дваесет и пет илјади, нека биде општо подрачје: за градот, за населбата и за чистината. Градот нека биде во средина.

16Еве ги мерите: на север четири илјади и пет стотини лакти; на исток четири илјади и пет стотини; на запад четири илјади и пет стотини.

17А чистината околу градот: двеста и педесет лакти кон север, двеста и педесет кон југ, двеста и педесет кон исток, двеста и педесет кон запад.

18Што ќе остане во должина, вдолж на светото подрачје - десет илјади лакти кон исток и десет илјади кон запад, вдолж на светото подрачје - тоа нека биде за издржување на оние кои му служат на градот.

19Тие што му служат на градот ќе се земат од сите Израелеви племиња.

20И така, сето задржано подрачје - дваесет и пет илјади лакти по дваесет и пет илјади лакти, во четириаголник - ќе Му го принесете на Господа: и светото подрачје и градскиот имот.

21На кнезот му припаѓа што ќе остане: од обете страни на светото подрачје и на градскиот имот - кон исток дваесет и пет илјади лакти, кон источната страна, и кон запад дваесет и пет илјади лакти, кон западната страна, наспоредно со другите подрачја - сè тоа е за кнезот. А во средината е светото подрачје и Светилиштето на Домот.

22Од левитскиот имот и од градскиот имот што е во средината, му припаѓа на кнезот; и меѓу Јудиното и Венијаминовото подрачје: и тоа е на кнезот.

23Другите племиња: од исток до запад - Венијаминов дел.

24Покрај Венијаминовото подрачје, од исток до запад - Симеоновиот дел.

25Покрај Симеоновото подрачје, од исток до запад - Исахаровиот дел.

26Покрај Исахаровото подрачје, од исток до запад - Завулоновиот дел.

27Покрај Завулоновото подрачје, од исток до запад - Гадовиот дел.

28Покрај Гадовото подрачје, на јужната страна, кон југ, границата оди од Тамара до Меривските Води и до Кадис, па до потокот кон Големото Море.

29Тоа е земјата што ќе им ја поделите со жрепка во наследство на Израелевите племиња, тоа се нивните делови” - говори Господ Бог.

30И еве ги излезите на градот: на северната страна - четири илјади и пет стотини лакти.

31Градските врати ќе бидат наречени според имињата на Израелевите племиња. Три врати кон север: Рувимовата Врата, Јудината Врата, Левиевата Врата.

32Кон источната страна - четири илјади и пет стотини лакти - три врати: Јосифовата Врата, Венијаминовата Врата, Дановата Врата.

33Кон јужната страна - четири илјади и пет стотини лакти - три врати: Симеоновата Врата, Исахаровата Врата, Завулоновата Врата.

34Кон западната страна: четири илјади и пет стотини лакти - три врати: Гадовата Врата, Асировата Врата, Нефталимовата Врата.

35Сè наоколу: осумнаесет илјади лакти. А името на градот ќе му биде: „Јахве Шама” („Господ Е Таму”).

Библија (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет, превод Душан Х. Константинов Copyright © 1999, 2004 by Loukas Foundation, The Netherlands

Choose Translation

Switch translation for Ezekiel 48.

Reading Settings

Paragraph viewDisplay verses as flowing paragraphs instead of individual lines
Show verse numbersDisplay verse numbers inline
Red letterHighlight the words of Christ in red

Sign in to save your reading preferences across sessions.