1Кога одиш во Божјиот дом, пази на своите чекори. Приближи се за да можеш подобро да слушаш - отколку да принесуваш жртва на лудиот, зашто нема број на сиот народ на сите тие, на кои им началствуваше, иако наследниците не ќе му се радуваат нему. Тие и не знаат дека прават зло.
2Не избрзувај со својата уста и срцето да не брза со зборови пред Бога, зашто Бог е на небото, а ти си на земјата; затоа штеди ги своите зборови.
3Сонот доаѓа од многу грижи, а лудиот говор од многу зборови.
4Кога ќе му заветуваш нешто на Бога, исполни го тоа веднаш, зашто Нему не Му се мили безумниците. Затоа исполни го секој свој завет.
5Подобро е да не се заветува отколку да се заветува, а да не се исполни заветот.
6Не дозволувај и на својата уста да ти наведе телото на грев, и не вели подоцна пред ангелот дека било грешка. Зошто да Му се дава прилика на Бога да се разгневи на твојот збор и да го уништи делото на твоите раце?
7Зашто колку повеќе соништа и зборови; толку повеќе и суети. Затоа бој се од Бога.
8Ако видиш дека го угнетуваат сиромавиот и дека ги газат правдата и судот во земјата, не чуди се на тоа, зашто над високиот набљудува повисокиот, а над него највисокиот.
9Ползата од земјата е за сите: и царот зависи од нивите.
10Кој ги сака сребрениците, никогаш ги нема достатно; кој го сака богатството, никогаш не му се доста приходите. И тоа е суета.
11Каде се умножува богатството, се умножуваат и тие кои го јадат; па каква полза му е од тоа на господарот, освен да го гледа со очите?
12Сладок е сонот на трудољубивиот, дали јал малку или многу, додека богатството не го остава богатиот да заспие.
13И видов тешко зло под сонцето: собрано богатство што му е на пропаст на својот сопственик.
14Зашто при лоша незгода пропаѓа таквото богатство, па не му останува ништо на синот што му се родил.
15Гол излезе од утробата на својата мајка и така гол и ќе си отиде каков што дојде; ништо нема да понесе од сиот свој труд.
16И тоа е тешко зло зашто си заминува така како што и дошол; па каква му е ползата од тоа што се измачувал за ветер.
17Сите свои денови ги јаде во темнина, во неволја,во грижа, во болест и во гнев.
18Затоа го заклучувам ова: права среќа за човекот е да јаде и да пие и да биде задоволен со сиот свој труд, со кој се измачува под сонцето за време на краткиот век што му го дал Бог, зашто таква судбина му е дадена во дел.
19Па ако Бог му дал на човекот богатство и имот за да ги ужива и за да биде задоволен со своето дело - и тоа е дар од Бога.
20Зашто тогаш барем не мисли многу на деновите на својот живот, кога Бог му дава да му се весели срцето.