Daniel 5MKB

1Царот Валтазар им приреди голема гозба на илјада свои големци.

2Испијанет со вино, Валтазар нареди да се донесат златните и сребрените посатки, што неговиот татко Навуходоносор ги беше ограбил од ерусалимското Светилиште, па од нив да пијат царот, неговите големци, неговите жени и соложници.

3И така ги донесоа златните и сребрените посатки грабнати од Божјиот Храм во Ерусалим, и почнаа да пијат од нив царот и неговите големци, неговите жени и соложници.

4Пиеја вино и ги славеа своите богови од злато и сребро, од бронза и железо, од дрво и камен.

5Одненадеж се појавија прсти на човечка рака кои почнаа да пишуваат, спроти големиот светилник, по варосаниот ѕид на царскиот дворец, и царот ја виде дланката на раката што пишуваше.

6Царот пребледе, мислите го смутија, зглобовите на неговите колкови попуштија, и колената почнаа да му удираат едно со друго.

7Гласно ги повика волшебниците, ѕвездарите и гаталците. И царот им рече на вавилонските мудреци: „Кој ќе го прочита ова писмо и му ја открие неговата смисла, ќе биде облечен во црвено сукно, ќе носи златна веришка околу вратот, и ќе биде трет во царството.”

8Сите цареви мудреци пристапија, но не можеа да го прочитаат писмото, ниту да му го откријат значењето.

9Царот Валтазар се исплаши многу заради тоа, пребледе, а неговите големци останаа збунети.

10Царицата откако ги чу зборовите на царот и на големците, влезе во гозбената дворница и рече: „Цару, жив да бидеш довека! Твоите мисли нека не се возбудуваат и твоето лице нека не бледнее!

11Во твоето царство има човек во кого е Духот на Светиот Бог. Уште во времето на твојот татко се најде во него светлина, разум и мудрост слична на мудроста на боговите. И затоа царот Навуходоносор, твојот татко, го назначи за старешина на волшебниците, гаталците, ѕвездарите и мудреците.

12Бидејќи во тој Даниел - кого царот го нарече Валтазар - се најде вонреден дух, знаење, бистрина, вештина да ги толкува соништата, да ги решава гатанките и да ги разрешува тешкотиите, затоа повикај го Даниела, и тој ќе ти го каже значењето.”

13Го доведоа Даниела пред царот, а царот го праша: „Дали си ти Даниел, еден од јудејските заточеници, кои татко ми, царот ги доведе од Јудеја?

14Слушам дека Божјиот Дух е во тебе и дека во тебе се: светлината, разумот и вонредната мудрост.

15Ми ги доведоа мудреците и волшебниците за да го прочитаат ова писмо и да ми го кажат неговото значење, ама тие не се способни да ми ја откријат неговата смисла.

16А слушам дека ти можеш да дадеш толкување и дека разрешуваш гатанки. И така, ако можеш да го прочиташ ова писмо и да ми го кажеш неговото значење, ќе бидеш облечен во црвено сукно, и ќе носиш златна веришка околу вратот и ќе бидеш трет во царството.”

17Даниел го прифати зборот и му одговори на царот: „Твоите дарови нека ти останат, и своите поклони дај им ги на други! А јас ќе го прочитам ова писмо на царот и ќе му го кажам неговото значење.

18О цару, Сèвишниот Бог му даде царство, величина, чест и слава на Навуходоносор, твојот татко.

19Заради величината што му ја даде трепереа од страв пред него народите, племињата и јазиците: тој убиваше според својата волја, го оставаше во живот кого што сакаше, го возвишуваше кого што сакаше, го понизуваше кого што сакаше.

20Но кога срцето му се издигна и духот се ожесточи до дрскост, тогаш беше оборен од својот царски престол и славата му беше одземена.

21Беше протеран од човечкото општество и неговото срце стана слично на животинското: престојуваше со диви ослици; јадеше трева како вол; небесната роса го миеше неговото тело, додека не созна дека Сèвишниот Бог има власт над човечкото царство и дека го става на чело оној кого што Тој сака.

22Но ти, Валтазаре, сине негов, не го понижи своето срце иако го знаеше сè ова:

23ти се издигна против Небесниот Господ, нареди да ти ги донесат посатките од Неговиот Храм и пиевте вино од нив, ти, твоите големци, твоите жени и твоите соложници, фалејќи ги боговите од злато и сребро, од бронза и железо, од дрво и камен кои не гледаат, не слушаат, ниту разбираат, а не Му даде слава на Бога Кој во Својата рака ги држи твојот здив и сите твои патишта.

24И затоа Тој ја испрати оваа рака, која го напиша ова писмо.

25А еве што е напишано: Мене, Мене, Текел, Уфарсин.

26А тие зборови значат: Мене: Господ го измери твоето царство и му ставил крај:

27Текел: беше мерен врз мерилка и најден си прелесен;

28Уфарсин: твоето царство е разделено и им е предадено на Мидијанците и на Персијанците.”

29Тогаш Валтазар нареди да го облечат Даниела во црвено сукно, да му обесат златна веришка околу вратот, и да го прогласат за трет во царството.

30Во таа иста ноќ халдејскиот цар беше убиен.

31А Мидијанецот Дариј го презеде царството веќе стар шеесет и две години.

Библија (Свето Писмо): Стариот и Новиот Завет, превод Душан Х. Константинов Copyright © 1999, 2004 by Loukas Foundation, The Netherlands

Choose Translation

Switch translation for Daniel 5.

Reading Settings

Paragraph viewDisplay verses as flowing paragraphs instead of individual lines
Show verse numbersDisplay verse numbers inline
Red letterHighlight the words of Christ in red

Sign in to save your reading preferences across sessions.