Acts 26
1 Тогаш Агрипа му рече на Павла: „Ти се дозволува да зборуваш за себе.” И така Павле ја пружи раката и почна да зборува во своја одбрана:
2 ”Царе Агрипа, се чувствувам среќен, што можам да се бранам денес пред тебе, од сè што ме обвинуваат Јудејците;
3 толку повеќе што ти ги познаваш добро јудејските обичаи и нивните препирки. Затоа те молам да ме ислушаш со трпение.
4 Каков беше мојот живот од младини, што го поминав најпрвин меѓу својот народ во Ерусалим, тоа го знаат сите Јудејци,
5 зашто ме познаваат од почетокот (ако сакаат да посведочат), дека живеев како фарисеј, според најстрогата следба на нашата религија.
6 И сега стојам пред судот заради надежта во ветувањето, што Бог им го даде на нашите татковци,
7 а за кое нашите дванаесет племиња се надеваат дека ќе го постигнат, служејќи постојано ноќе и дење. Заради таа надеж, царе, Јудејците ме обвинуваат.
8 Зошто при вас се смета за неверојатно, дека Бог воскреснува мртви?
9 И јас мислев дека треба да вршам многу нешта против името на Исуса Назареецот;
10 што и го правев во Ерусалим; откако добив овластување од првосвештениците затворив мнозина од светите во темница, а кога ги убиваа давав глас за тоа.
11 И многупати ги мачев во сите синагоги и ги принудував да хулат; и прекумерно разјарен против нив, ги гонев и по туѓите градови.
12 Кога за тоа патував во Дамаск со власт и налог од првосвештениците,
13 на сред бел ден, на патот, царе, видов светлина од небото, посилна од сончевиот блесок, која нè осветли мене и оние, кои патуваа со мене;
14 и кога сите паднавме на земја, чув глас, кој ми зборуваше на еврејски јазик: ‘Савле, Савле, зошто Ме гониш? Тешко ти е да се риташ против остенот!’
15 А јас реков: ‘Кој си Ти Господине?’ Господ рече: ‘Јас сум Исус, Кого Ти го гониш.
16 Но стани и застани на своите нозе; зашто затоа ти се јавив, за да те назначам за служител и за сведок како за ова што го виде, така и за она во кое ќе ти се Објавам;
17 избавувајќи те од луѓево и од народите, при кои те праќам сега,
18 за да им ги отвориш очите, и да се обрнат од темнината кон светлината; од сатанската власт кон Бога, и преку верата во Мене да примат опростување на гревовите и наследство меѓу осветените.’
19 Затоа, царе Агрипа, не му бев непокорен на небесното видение;
20 туку им објавив прво во Дамаск, потоа во Ерусалим и по целата Јудејска Земја, а и на народите, дека треба се покајат и да се обрнат кон Бога, вршејќи дела достојни за покајание.
21 Затоа Јудејците ме фатија во Храмот и се обидоа да ме убијат.
22 Но со помошта што ја добив од Бога стојам до денешниот ден и им сведочам на малото и на големото, не зборувајќи ништо друго освен она што Пророците и Мојсеј рекоа дека ќе се збидне:
23 дека Христос ќе пострада и дека - како прв воскреснат од мртвите - ќе им навести светлина и на народот и на народите.”
24 А кога го изнесе тоа во своја одбрана, Фест му рече со силен глас: „Безумствуваш Павле! Твоите многубројни писма те довеле до лудило!”
25 А Павле рече: „Не сум луд, честит Фесте, туку зборувам вистина и со здрав разум,
26 зашто и царот, кому му зборувам слободно, знае за тоа. Имено, не верувам дека му е непознато нешто од ова, зашто ова не се збидна во некој агол.
27 Им веруваш ли, царе Агрипа, на пророците? Знам дека им веруваш!”
28 А Агрипа му рече на Павла: „Со малку ли, сакаш да ме убедиш да станам христијанин!”
29 А Павле рече: „Би Го молел Бога, со малку или со многу, не само ти, туку и сите, кои ме слушаат денес, да станете такви каков што сум јас, освен овие окови.”
30 Тогаш стана царот и управителот, Верникија и сите, кои седеа со нив,
31 и се повлекоа, и зборуваа меѓу себе, велејќи: „Овој човек не направил ништо, што заслужува смрт или окови.”
32 А Агрипа му рече на Феста: „Овој човек, можеше да биде ослободен, ако не се повикал на ќесарот.”