1Кога Давид со своите луѓе стигна на третиот ден во Сиклаг, а тоа Амаликците беа нападнале на Негев и на Сиклаг; го ограбија Сиклаг и го спалија со оган.
2Ги заробија жените и сите кои што беа таму, мало и големо. Не убија никого, туку само одведоа робови и си отидоа по својот пат.
3И така, кога Давид со своите луѓе дојде во градот, видоа дека градот е изгорен, а нивните жени, нивните синови и нивните ќерки одведени во ропство.
4Тогаш Давид и луѓето, кои беа со него, го кренаа гласот и плачеа додека не им ја снема силата за плачење.
5И двете Давидови жени беа одведени во ропство, Езраелката Ахиноама и Авигеја, Наваловата жена од Кармил.
6Давид се најде во голема неволја, зашто луѓето почнаа да зборуваат дека ќе го каменуваат, бидејќи сите беа огорчени, секој заради своите синови и заради своите ќерки. Но Давид се охрабри во Господа, својот Бог.
7Давид му рече на свештеникот Авијатар, Ахимелеховиот син: „Донеси ми го ваму наплеќникот (Ефодот)!” И Авијатар му го донесе на Давида наплеќникот.
8Тогаш Давид го праша Господа за совет, велејќи: „Дали да тргнам во потера по оние разбојници и дали ќе ги стигнам?” А Тој му одговори: „Оди во потера, зашто навистина ќе ги стигнеш и ќе ги избавиш плениците.”
9И Давид тргна со шест стотини луѓе, кои беа со него, и дојдоа до потокот Восор.
10Оттука Давид со четири стотини луѓе ја продолжи потерата, а останаа две стотини луѓе, кои беа толку уморни што не можеа да поминат преку потокот Восор.
11Во полето најдоа еден Египетец. Го доведоа кај Давида, му дадоа леб да јаде и вода да пие.
12Му дадоа дел од низаниците смокви и два грозда суво грозје. Кога го изеде тоа, се закрепна, зашто три дни и три ноќи немаше јадено леб и немаше пиено вода.
13Тогаш Давид го праша: „Чиј си и откаде си?” А тој му одговори: „Јас сум Египетец, слуга на еден Амаличанин. Мојот господар ме остави зашто се разболев пред три дни.
14Бевме навлегле во Херетскиот Негев и во Јудејскиот Негев, и во Халевовиот Негев, а Сиклаг го запаливме со оган.”
15Давид го праша: „Сакаш ли да ме одведеш при таа разбојничка дружина?” А тој му одговори: „Заколни ми се во Бога дека нема да ме погубиш и дека нема да ме предадеш во рацете на мојот господар, па ќе те одведам кај нив!”
16И така тој го одведе, и ете, тие беа распрснати по сиот оној крај, пиејќи и славејќи прослава заради сиот голем плен што го одзедоа од Филистејската Земја и од Јудината Земја.
17И Давид почна да ги бие, и ги поразуваше од примрак до вечерта на другиот ден, извршувајќи врз нив клето уништување. Никој од нив не се избави, освен четири стотини момци, кои ги јавнаа камилите и избегаа.
18Така Давид избави сè што го грабнаа Амаликците; и двете свои жени ги избави Давид.
19И ништо не им снема, од најмалите работи до најголемите, од пленот сè до синовите и ќерките, сè им беше грабнато: Давид врати сè.
20Тогаш ги зедоа сите овци и говеда, ги дотераа пред него, викајќи: „Ова е пленот Давидов!”
21Кога Давид дојде кај оние две стотини луѓе кои што беа изморени па не можеа да одат по Давида и кои што тој ги остави кај потокот Восор, тие им излегоа во пресрет на Давида и на неговата чета: откако им се приближија на Давида и на четата, ги поздравија.
22Тогаш прозборуваа сите злобници и ништожници меѓу луѓето кои одеа со Давида, и рекоа: „Бидејќи не идеа со нас, да не им даваме ништо од пленот што го избавивме, туку само секому неговата жена и неговите деца, нека ги поведат со себе и нека си одат!”
23Но Давид рече: „Не правете така, браќа мои, по она што ни го даде Господ: Тој нè чуваше и ни ја предаде во рацете разбојничката дружина, што беше излегла против нас.
24Та кој ќе ве послуша во тоа? Зашто каков е делот на оној кој оди во бој, таков е делот на оној кој останува кај товарот. Сите нека имаат еднаков дел.”
25Така остана од тој ден натаму. Давид го направи тоа со одредба и закон во Израел сè до денешниот ден.
26Кога Давид дојде во Сиклаг, им испрати дел од пленот на старешините на Јуда, според нивните поединечни градови, со пораката: „Еве за вас подарок од пленот на Господовите непријатели!”
27На оние во Ветил, на оние во Рама, во Негев, и на сите во Јатир;
28на оние во Ароир и на оние во Сифмот, на оние во Естемо;
29на оние во Ракал, на оние во ерамеилските градови и на оние во кенејските градови;
30на оние во Орма; на оние во Хор Асан и на оние во Атах;
31на оние во Хеврон; и во сите оние места во кои што доаѓал Давид со своите луѓе.