Zephaniah 1
1 Словото Господово упатено до Софонија, синот на Кушиј, син Гедалиев, син Амариев, син Езекиин, во деновите на Јошија, син Амонов, цар јудејски.
2 Сѐ ќе истребам од земјата, вели Господ;
3 ќе ги збришам луѓето и животните, ќе ги истребам птиците небески и рибите морски и ќе направам да паднат безбожниците; ќе ги истребам луѓето од лицето на земјата, вели Господ.
4 И ќе ја протегнам раката Своја врз Јудеја и врз сите жители на Ерусалим; ќе ги истребам од тоа место остатоците на Ваал, името на служителите негови со свештениците негови,
5 и оние, кои на покривите се поклонуваат на небесната војска, и од поклониците оние што се колнат во Господ, но се колнат и во својот цар,
6 како и оние, што отстапија од Господ, не Го бараат Господа ниту прашуваат за Него.
7 Замолкни пред лицето на Господ Бог, зашто близу е денот Господов. Веќе го приготви Господ жртвеното клање, ги определи и гостите свои.
8 Во денот на жртвата Господова, Јас ќе ги казнам кнезовите, синовите на царот и сите, што се облекуваат во облеки на туѓинци;
9 ќе ги казнам во оној ден сите, кои го прескокнуваат прагот, што го исполнуваат домот на својот Господ со насилство и измама.
10 И во тој ден, вели Господ, ќе има вик кај Рибните Порти и ридање во новиот дел на градот, а и големо уривање на ридови.
11 Плачете жители на Махтеш, зашто загинаа сите трговци; истребени се сите што мерат сребро.
12 А во тоа време Јас ќе го прегледам Ерусалим со светило и ќе ги казнам оние, кои седат на своите остатоци и велат во срцето свое: „Господ не прави ни добро ни лошо“;
13 пак ќе станат богатствата нивни пљачка и куќите нивни ќе се запустат; иако градеа куќи, тие нема да живеат во нив; садеа лоза, но вино нема да пијат од неа.
14 Близу е денот велик на Господ, близу е — и брзо доаѓа. Горчлив е гласот на денот Господов, ќе завика тогаш дури и најхрабриот.
15 Тој ден е ден на гнев, ден на жалост и на мачнотија, ден за запустување и уривање, ден на темнина и на мрак, ден облачен и маглив,
16 ден на труба и на боен повик против утврдените градови и високите кули.
17 И Јас ќе ги притеснам луѓето, и тие ќе се тетерават како слепи, зашто згрешија против Господ, и растурена ќе биде крвта нивна како прав, и телата нивни како смет.
18 Ни среброто нивно, ниту златото нивно не ќе може да ги спаси во денот на гневот Господов, а од огнот на ревноста Негова ќе биде уништена целата земја, и тоа ќе биде ненадеен крај на сите жители нејзини.