Song of Solomon 6
1 Хорот: Каде отиде твојот возљубен, о, најубава меѓу жените? Каде отиде твојот возљубен? Ние ќе го побараме со тебе.
2 Возљубената: Мојот возљубен отиде во градината своја, во ароматните цветници, за да пасе во градината и да бере кринови.
3 Јас му припаѓам на мојот возљубен, а мојот возљубен мене; тој пасе меѓу криновите.
4 Возљубениот: Убава си, мила моја, како Тирца, привлечна како Ерусалим, страшна како војска со знамиња.
5 Тргни ги очите од мене, зашто ме збунуваат. Косата ти е како стадо кози, кога слегуваат од Галаад;
6 забите ти се како стадо овци, кога излегуваат од капење, од кои секоја е со по две јагниња, и јалова меѓу нив нема,
7 твоите образи под превезот твој се како две половинки од калинка.
8 Има шеесет царици, осумдесет наложници и безброј девојки,
9 но единствена е таа, гулабицата моја, совршената моја; единствена е таа на мајка си, избрана кај родителката своја. Ја видоа девојките, и ја возвеличија, ја видоа цариците и наложниците, и ја пофалија.
10 Хорот: „Која е таа, што болска како зора, убава како месечина, светла како сонце, страшна како војска со знамиња?“
11 Слегов во ореовата градина да погледнам зелена долина, да видам дали се развила лозата, дали процутеле калинките.
12 Веќе не се препознавам самата себеси; по тебе памет губам, јас, девојката од благороден сој.