Song of Solomon 1
1 Најубавата песна меѓу сите песни, напишана од Соломон.
2 Возљубената: Да, сакам да ме целиваш со бакнежи на устата своја! Зашто твоите милувања се подобри од виното.
3 Од пријатниот мирис на твоите масла името ти е како разлеано миро; затоа те сакаат момите.
4 Поведи ме, да побрзаме; царот ме воведува во одаите свои, — ќе се восхитуваме и ќе се радуваме со тебе, ќе ги фалиме твоите милувања повеќе од вино. Навистина, заслужено те сакаат!
5 Ќерки ерусалимски, црна сум, но сепак сум убава како шаторите бедуински, како завесите на Соломон.
6 Не гледајте ме што сум црномурна, зашто сонцето ме подгорело: мајчините синови ми се налутија, ме поставија да ги чувам лозјата — но своето сопствено лозје не го зачував.
7 Кажи ми ти, кого го сака душата моја: каде го пасеш стадото, каде пладнуваш? Зошто да бидам како скитница крај стадата на твоите другари?
8 Хорот: Ако не го знаеш тоа, о, најубава меѓу жените, тогаш оди си по овците свои и паси ги јарињата покрај пастирските шатори.
9 Возљубениот: Ти си ми, драга моја, како кобилка во фараонова двоколка.
10 Прекрасни се твоите образи меѓу обетките, вратот твој — под ѓерданите;
11 Ќе ти направам златни обетки со сребрени пулејки.
12 Возљубената: Додека царот беше крај трпезата, парфемот од мојот нард го испушташе својот пријатен мирис.
13 Смирнова китка е мојот возљубен, што стои меѓу градите мои.
14 Мојот возљубен е за мене како кипарисов грозд во лозјата на Ен-Геди.
15 Возљубениот: О, убава си, мила моја, убава си! Имаш очи гулабови.
16 Возљубената: О, убав си, мил мој, прекрасен си! Зеленилото е постела наша.
17 Возљубениот: Покривите на куќите ни се кедри, штиците наши — кипариси.