1И на ангелот на Сардската црква напиши му: еве што вели Оној Кој ги има седумте ѕвезди: ги знам делата твои; носиш име дека си жив, а мртов си.
2Биди буден и утврдувај ги оние што се на умирање; бидејќи делата твои не ги најдов совршени пред Мојот Бог.
3Спомни си за она што си го примил и чул, и послушај го, и покај се. Ако не бидеш буден, ќе дојдам против тебе како крадец, и нема да дознаеш кога ќе дојдам против тебе.
4Но во Сард имаш неколку имиња што не ги осквернија алиштата свои. Тие ќе одат со Мене во бела облека, бидејќи се достојни.
5Кој победува ќе биде облечен во бела облека, и нема да му го избришам името негово од книгата на животот, туку ќе го признаам името негово пред Мојот Отец и пред Неговите ангели.
6Кој има уво, нека чуе што им зборува Духот на црквите.
7И на ангелот на Филаделфиската црква напиши му: вака вели Светиот, Вистинитиот, Оној, Кој го има клучот Давидов, Кој отвора, и никој не може да затвори, — и Кој затвора, никој не може да отвори:
8ги знам делата твои. Ете, ти дадов отворена врата, што никој не може да ја затвори; ти имаш мала сила и сепак го запази словото Мое, и не одречувај се од името Мое.
9Ете, ќе направам некои од сатанската синагога — оние што велат дека се Јудејци, а не се, туку лажат, — да дојдат и да се поклонат пред нозете твои и да познаат дека Јас те засакав.
10Бидејќи ти го запази словото на трпението Мое, и Јас ќе те запазам од часот на искушението кое ќе дојде над целиот свет, за да ги искуша оние што живеат на земјата.
11Ете, доаѓам скоро: држи што имаш, за никој да не го земе венецот твој.
12Оној кој победува, ќе го направам столб во храмот на Мојот Бог, и нема веќе да излезе надвор; и ќе го напишам на него името на Мојот Бог и името на градот на Мојот Бог, на новиот Ерусалим, кој слегува од небото од Мојот Бог, и Моето ново име.
13Кој има уво, нека чуе што им зборува Духот на црквите.
14И на ангелот на Лаодикиската црква напиши му: ова го вели Амин, Верниот и Вистинитиот Сведок. Почетокот на Божјото создание:
15ги знам делата твои: ти не си ни студен, ни жежок; о, да беше студен или жежок!
16Така, бидејќи си млак, а не жежок, или студен, ќе те изблујам од устата Своја!
17Зашто велиш: „Богат сум и се збогатив, и ништо не ми треба“, а не знаеш дека си беден и проколнат, сиромав, слеп и гол;
18те советувам да си купиш од Мене злато низ оган пречистено, за да се збогатиш; и бела облека, за да се облечеш, и да не се гледа срамот на голотијата твоја, и со очна маст намачкај ги очите твои за да гледаш.
19Оние што Јас ги сакам, нив ги карам и воспитувам. И така, биди искрен и покај се.
20Ете, стојам пред вратата и чукам. Ако некој го чуе гласот Мој и ја отвори вратата, ќе влезам кај него и ќе вечерам со него, и тој со Мене.
21На оној што победува, ќе му дозволам да седне со Мене на Мојот престол, како што и Јас победив и седнав со Отецот Свој на Неговиот престол.
22Кој има уво, нека чуе, што им зборува Духот на црквите.