1И голем знак се покажа на небото: жена, облечена во сонце; под нозете нејзини беше месечината, а на главата нејзина — венец од дванаесет ѕвезди.
2Таа беше бремена и викаше од породилни болки, и се мачеше да роди.
3Потоа се јави друг знак на небото. Ете, голем црвен змев со седум глави и десет рогови, а на главите негови седум круни;
4опашката негова повлече една третина од небеските ѕвезди и ги фрли на земјата. Змевот застана пред жената, која сакаше да роди, та, кога ќе роди, да го изеде детето нејзино.
5И таа роди машко дете, кое ќе ги пасе сите народи со железен жезол; и детето нејзино беше грабнато и однесено кај Бога и Неговиот престол.
6А жената побегна во пустина, каде што имаше приготвено место од Бога за да ја хранат таму илјада двесте и шеесет дена.
7И настана војна на небото: Михаил и неговите ангели војуваа против змевот, а змевот и неговите ангели војуваа против нив;
8но беа поразени, и за нив веќе не се најде место на небото.
9И беше исфрлен големиот змев — старата змија, наречена ѓавол и сатана, која ја мами целата вселена, беше соборена на земјата, и заедно со неа и ангелите нејзини беа исфрлени.
10И чув висок глас на небото како зборува: „Сега настана спасението и силата и царството на нашиот Бог и власта на Неговиот Христос, бидејќи е симнат клеветникот на браќата наши, кој ги клеветеше пред нашиот Бог дење и ноќе.
11Тие го победија со крвта на Јагнето и со словото на своето сведоштво и не се грижеа за животот свој дури до самата смрт.
12Затоа веселете се, небеса, и вие, кои живеете на нив! Тешко вам, кои живеете на земјата и морето, зашто ѓаволот слегол кај вас со голем гнев, бидејќи знае дека му останува малку време!“
13А кога виде змевот дека е фрлен на земјата, почна да ја гони жената што го беше родила машкото дете.
14И ѝ се дадоа на жената две крилја како на голем орел за да одлета во пустината на своето место, каде ќе се храни време, две времиња и половина време, далеку од лицето на змијата.
15И змијата од устата своја испушти по жената вода како река, за да ја одвлече со реката.
16Но земјата ѝ помогна на жената: ја отвори земјата устата своја и ја проголта реката што ја беше испуштил змевот од устата своја.
17И се разлути змевот на жената и отиде да војува со другите од семето нејзино што ги пазат Божјите заповеди и го имаат сведоштвото на Исус Христос.
18И застана на морскиот песочен брег.