Psalms 72
1 Боже, дај му го на царот Својот праведен суд, а на царевиот син — Својата праведност,
2 за да им суди со праведност на Твоите луѓе и на сиромасите Твои со праведен суд.
3 Горите нека им донесат мир на луѓето, и ритчињата — праведност.
4 Нека ги брани бедните меѓу луѓето, нека ги спаси синовите на сиромасите, а угнетувачот нека го понизи.
5 Нека живее, додека постои сонцето и месечината — од род во род.
6 Нека биде како дожд на ливада, како капки што наросуваат земја.
7 Во Негово време нека се зацари правда, и нека има изобилен мир сѐ додека не ја снема месечината.
8 И нека владее од море до море и од Реката до краиштата на Земјата.
9 Пред Него нека паднат на колена жителите на пустината, и непријателите Негови нека ја лижат прашината;
10 царевите на Тарсис и островјаните дарови нека му принесуваат; и царевите на Сава и Сева дарови нека му донесуваат.
11 И нека Му се поклонуваат сите цареви; нека Му служат сите народи;
12 зашто Тој избави беден кога вика и сиромав и беспомошен.
13 Ќе го поштеди бедниот и сиромавиот и ќе го спаси животот на сиромасите;
14 од угнетувања и насилства ќе ги избави душите нивни, бидејќи е скапоцена нивната крв пред очите Негови.
15 Нека поживее, па ќе Му даваат арабиско злато; и нека Му се молат непрестајно, секој ден нека Го благословуваат;
16 Нека има на земјата жито во изобилство, до врвовите на горите; плодот Негов ќе се издига над Ливан, а во градовите луѓето нека се размножуваат како тревата по земјата,
17 Неговото име нека биде вечно: нека Му трае славата сѐ додека постои Сонцето; и во Него нека бидат благословени сите земни племиња, а и сите народи нека Го сметаат за блажен.
18 Нека е благословен Господ Бог, Бог Израелов, Кој единствен прави чудеса;
19 и нека е благословено Неговото славно име довека, и со славата Негова нека се исполни целата Земја! Амин и амин!
20 Завршија молитвите на Давид, Јесеевиот син.