Psalms 31
1 Кај Тебе, Господи, се засолнувам, о да не се посрамам никогаш; според праведноста Своја спаси ме.
2 Приклони го увото Твое кон мене, побрзај да ме избавиш. Биди ми Бог заштитник и прибежиште за да се спасам.
3 Зашто Ти си карпа моја и крепост моја, заради името Твое поведи ме и управувај со мене.
4 Изведи ме од оваа стапица, која потајно ми ја поставија, зашто Ти си мој заштитник.
5 Во Твоите раце го предавам духот свој; Ти си ме откупил, Господи, Боже на вистината.
6 Не ти се мили оние што почитуваат ништожни идоли, но јас имам верба во Господ.
7 Ќе се радувам и ќе се веселам поради Твојата милост, зашто Ти погледна на маката моја и ја спаси од патила душата моја,
8 и не ме предаде во рацете на непријателите мои; нозете мои ми ги постави на чистина.
9 Смилувај се кон мене, Господи, зашто сум потиштен од скрб: ми се исушија од тага окото мое, душата моја и утробата моја.
10 Го минувам во жал животот мој, и годините мои — со воздишки; изнеможе силата моја, и коските мои се свиткаа.
11 Пред сите непријатели мои станав за прекор, дури и пред соседите мои, а и плашило за познатите мои; оние што ќе ме видат на улица, бегаат од мене.
12 Заборавен како мртовец сум во срцата на луѓето; станав како скршен сад,
13 бидејќи чув дека мнозина околу мене погубно шепотат, и кога ќе се соберат заедно, се договораат и душата моја да ми ја одземат.
14 Јас, пак, имам верба во Тебе, Господи, и велам: Ти си мој Бог.
15 Дните мои се во Твоите раце; избави ме од рацете на непријателите мои и од гонителите мои.
16 Нека засветли лицето Твое над слугата Твој; спаси ме поради Твојата милост.
17 Господи, не допуштај да се посрамам, поради тоа што кон Тебе повикав; нечестивите нека се посрамат и нека замолкнат во светот на мртвите.
18 Да онемеат лажливите усти, што говорат лошо против праведниот со горделивост и презир.
19 Колку е голема добрината Твоја, Господи, што си ја запазил за оние, кои имаат страхопочит кон Тебе, и што си ја приготвил за оние, кои имаат верба во Тебе пред очите на синовите човечки!
20 Ќе ги сокриеш под покривот на лицето Свое од човечките завери, ќе ги заклониш од нападите на јазиците противнички.
21 Нека е благословен Господ, зашто ја пројави кон мене Својата чудесна милост кога бев обиколен како град под опсада!
22 Во малодушноста своја си реков: отфрлен сум од очите Твои; но Ти го слушна гласот на молитвата моја, кога повикав кон Тебе.
23 Љубете Го Господа сите светии Негови, зашто Господ ги чува верните Свои, а им отплатува на оние, кои гордо постапуваат.
24 Бидете силни и нека крепне срцето ваше, сите вие што имате верба во Господ!