1Слушни ја, Господи, правдата моја, чуј го мојот повик, прими ја молитвата моја што не излегува од лажлива уста.
2Од Твоето присуство нека излезе пресудата за мене; очите Твои нека ја гледаат правдината.
3Ако го искушаш срцето мое, ако ме посетиш ноќе; ако ме провериш: нема да најдеш злонамерност во мене. Не згреши устата моја,
4како што прават другите; поради зборовите на устата Твоја, јас го одбегнував патот на насилниците.
5Стапките мои беа непоколебливи на патиштата Твои, нозете мои не застранија.
6Кон Тебе викам, зашто Ти ќе ме чуеш, Боже; приклони го увото Свое кон мене, и чуј ги зборовите мои.
7Покажи ја чудесната милост Твоја, Ти, кој ги избавуваш оние што се засолнуваат од непријателите — покрај Твојата десница.
8Пази ме како зеница на окото; засолни ме под сенката на Твоите крилја,
9од лицето на нечестивите, кои ме напаѓаат, од непријателите на душата моја, што ме опкружуваат;
10тие срцето свое го затворија за милост, а со устата своја — горделиво зборуваат.
11Гонејќи ме, сега ме опколуваат; тие ги управија очите свои за да ме соборат на земја;
12тие се како лав, подготвен за лов и како лавче, кое стои во заседа.
13Стани, Господи, пресретни ги и собори ги; со Својот меч спаси ја душата моја од нечестивиот,
14а со раката Своја од луѓето, Господи, од луѓето чиј дел е само овој живот. Нека им се наполнат стомаците со твоите добра, нека се наситат нивните синови и нека им остават од вишокот на децата свои.
15А јас ќе го гледам лицето Твое во правда, ќе се наситам од ликот Твој, кога еднаш ќе се разбудам.