1Боже, похвало моја, не премолчувај,
2зашто против мене се отворени грешни и лажливи усти; зборуваат со лажлив јазик против мене;
3отсекаде ме опкружуваат со злобни зборови, и без причина ме напаѓаат;
4место да ми возвратат со љубов, тие стануваат против мене, а јас се молам;
5ми враќаат зло за добро, омраза — за љубов:
6„Постави над него грешник, и ѓаволот да застане десно од него.
7Кога ќе му се суди, нека биде осуден, и молитвата негова да се прими за грев;
8дните негови да бидат кратки, а неговото достоинство друг да го земе;
9децата негови да останат сираци, а жената му — вдовица;
10децата негови да скитаат и да станат просјаци, изгонети надвор од своите домови.
11Заемодавецот да му земе сѐ што има, и туѓинци да го разграбаат трудот негов;
12нека нема кој да го заштити, да нема и кој да се смили над сираците негови;
13потомството негово да загине, и да се избрише името негово во следниот род;
14да биде спомнато пред Господ беззаконието на татковците негови, и гревот на мајка му да не се очисти;
15тие секогаш да бидат пред очите на Господ, и да се избрише споменот нивни на земјата.
16Зашто не помислил да покаже милост, туку ги гонеше бедните, сиромасите, и оние со скршено срце, за да ги уништи;
17засакал клетва — па таа нека го стигне: не посакал благослов, — тој нека се оддалечи од него;
18нека се облече во клетва како во облека; и таа нека влезе во него како вода, и како масло — во неговите коски;
19та да му биде како облека, во која се облекува, и како појас, со кој секогаш се опашува.“
20Таква нека биде отплатата од Господ на оние што ме мразат и на оние што лошо зборуваат против душата моја.
21А мене, Господи, Господи, заштити ме заради Твоето име, зашто е блага милоста Твоја; избави ме,
22зашто сум беден и сиромав, и срцето мое во мене е рането.
23Исчезнувам како сенка што се оддалечува; ме гонат како скакулец.
24Колената ми изнемоштија од пост, а телото мое ослабе.
25Им станав за потсмев; оние што ме гледаат, нишаат со главите свои.
26Помогни ми, Господи, Боже мој, спаси ме поради Твојата милост.
27Нека разберат дека е тоа Твојата рака и дека, Ти, Господи, си го направил тоа.
28Тие проколнуваат, а Ти, пак, благослови; и оние што стануваат против мене нека бидат посрамени, а Твојот слуга да се зарадува.
29Нека се облечат во презир противниците мои и како со облека да се покријат со својот срам,
30и јас со устата моја многу ќе Го славам Господа и меѓу мнозина ќе Го прославувам,
31зашто застана од мојата десна страна, за да ја спаси мојата душа од оние што ме гонат.