1Подобро сиромав, кој оди во својата непорочност, отколку богат со лажлива уста, притоа и глупав.
2Не ѝ е добро на душата без знаење; а кој брза со нозете, се сопнува.
3Глупавоста на човекот му го искривува патот негов, а срцето негово негодува против Господ.
4Богатството собира многу пријатели, а сиромавиот го напушта и пријателот негов.
5Лажниот сведок нема да остане неказнет, и кој говори лага, нема да се спаси.
6Мнозина им се умилкуваат на големците, и секој му е пријател на човекот, кој дава подароци.
7Сиромавиот го мразат сите негови браќа, а уште повеќе се оддалечуваат од него пријателите: трчка по нив, за да проговори — но нив ги нема.
8Кој се здобива со разум, ја сака душата своја; кој ја пази мудроста, наоѓа среќа.
9Лажниот сведок нема да остане неказнет, а кој говори лага, ќе загине.
10На глупавиот не му прилега раскош, уште помалку на слуга — да господари над кнезови.
11Благоразумноста го прави човекот бавен на гнев, и за него е чест да биде попустлив кон грешките.
12Гневот на царот е како лавовско рикање, а милоста негова — како роса по трева.
13Глупав син е пропаст за татко си, и жена кавгаџика е како незапирлива капка од стреа.
14Куќата и имотот се наследуваат од родителите, а разумна жена е дар од Господ.
15Мрзливоста тера во сон, а немарна душа трпи глад.
16Кој пази заповед, ја запазува душата своја, а кој не се грижи за своите патишта, ќе загине.
17Кој прави добро на сиромав, заем Му дава на Господ, и Тој ќе му плати за неговата добрина.
18Казни го синот свој, додека има надеж, и не се возбудувај од викањето негово.
19Гневниот нека трпи казна, зашто ако го пожалиш, ќе треба да го казниш уште повеќе.
20Слушај совет и примај поука, за да станеш потоа мудар.
21Во срцето на човекот има многу мисли, но се извршува само определената од Господ.
22Радост за човекот е неговата милостина; подобро да бидеш сиромав отколку лажливец.
23Стравот Господов води кон живот, и кој го има, секогаш ќе биде задоволен, и зло нема да го снајде.
24Мрзливиот ја пружа раката кон храната, но не сака да ја подигне до устата своја.
25Ако го казниш оној што се потсмева, и простиот ќе стане разумен; и ако му укажеш на разумниот, тој ќе ја разбере поуката.
26Кој го упропастува татко си и ја набркува мајка си, тој е бесрамен и нечесен син.
27Немој, синко, да слушаш совети што те отстрануваат од зборовите на разумни.
28Лукавиот сведок се потсмева со судот, и устата на беззакониците голта неправда.
29Готови се судовите за горделивите, и ударите за телото на безумните.