1Вака му вели Господ Бог на Едом: „Чувме глас од Господ, гласник е испратен меѓу народите: ‚Станете, да војуваме против него!‘“
2Еве, те направив најмал меѓу народите, многу си презрен.
3Гордоста на твоето срце те измами, тебе, кој живееш во камени пештери, во својот висок дом, и му велиш на своето срце: „Кој е тој што ќе ме собори на земја?“
4И да се кренеш високо како орел, да направиш гнездо меѓу ѕвездите, и оттаму ќе те симнам, говори Господ.
5Крадци кога би дошле кај тебе, или ноќни разбојници, зар не би украле онолку колку што сакаат? Берачи на грозје ако би те нападнале, зар би оставиле нешто за доберување?
6Како беше пребран Исав, и како му ги пребараа сите негови сокриени работи!
7До граница те избркаа, сите твои сојузници те измамија и оние што јадат со тебе, стапица ти поставија — тоа не може да се разбере!
8Во оној ден, вели Господ, ќе ги погубам мудрите во земјата едомска и разумните во гората Исавова.
9И јунаците твои ќе се уплашат, Темане, за да се истребат сите од гората Исавова.
10Поради насилството и заради убиството, што му го направи на братот твој Јаков, со срам ќе бидеш покриен и ќе бидеш отфрлен засекогаш.
11Во оној ден кога ти си стоеше настрана; во оној ден кога туѓинци му го изнесуваа богатството и кога туѓинци влегуваа низ вратата негова и фрлаа ждрепка за Ерусалим, беше и ти како еден од нив.
12Не радувај се на несреќниот ден на твојот брат ниту на пропаста на синовите Јудини, а уште помалку да ја отвораш устата своја во денот на нивните страдања.
13Не провалувај низ вратата на Мојот народ во денот на неговата неволја, не насладувај се на нивното зло во денот на нивната погибел, и не земај од имотот нивни во денот на нивната пропаст.
14И не стој на нивните крстопати, за да ги убиваш оние што бегаат, ниту да ги предаваш оние, што преживеале во денот на нивната неволја.
15Зашто денот Господов за сите народи е близу: како си правел, така ќе ти се прави; отплатата ќе падне на твојата глава.
16Зашто, како што пиевте на Мојата света гора вие, така ќе пијат сите народи, ќе пијат без здив и докрај, и ќе бидат како никогаш да не биле.
17Но на гората Сион ќе бидат спасени и ќе биде света, и домот на Јаков ќе го добие своето наследство.
18Домот на Јаков ќе биде оган, а домот на Јосиф пламен, додека домот на Исав стрниште; ќе ги запалат и ќе ги изгорат; и нема никој од домот Исавов да остане жив, зашто Господ така вели.
19Жителите на Негев ќе ја наследат гората Исавова, а рамнината филистејска — жителите од Шефела; ќе го наследат и полето Ефремово и полето самарјанско, а Венијаминовото колено ќе го наследи Галаад.
20Прогонетата, пак, војска на синовите Израелови ќе го наследи Ханан до Сарепта, а прогонетите од Ерусалим кои се во Сефарад, ќе ги наследат градовите во Негев.
21И победниците ќе се качат на гората Сион за да ѝ судат на гората Исавова, и тогаш ќе настапи царството Господово.