Numbers 8
1 И му рече Господ на Мојсеј, велејќи:
2 „Јави му на Арон и кажи му: ‚кога ги палиш кандилцата, отспреди на светилникот треба да горат седум кандилца.‘“
3 Арон така и направи: отспреди на светилникот ги запали кандилцата негови, како што му заповеда Господ на Мојсеј.
4 И еве како е направен светилникот: искован е од злато — од стеблото негово до цветовите негови сѐ е од ковано злато; според образецот што Господ му го беше покажал на Мојсеј.
5 И му рече Господ на Мојсеј, велејќи:
6 „Земи ги левитите меѓу синовите израелски и очисти ги.
7 А за да ги очистиш, постапи со нив вака: пороси ги со вода за очистување, и нека го избричат со брич целото тело свое и да ги исперат алиштата свои, па ќе бидат чисти.
8 И да земат еден јунец и заедно со него и лебен принос од пченично брашно, измешано со масло, и друг јунец — жртва за грев.
9 И доведи ги левитите пред скинијата на собранието и собери го целото општество на синовите израелски;
10 доведи ги левитите нивни пред Господ, а синовите на Израел нека ги стават рацете свои врз левитите.
11 Арон, пак, да го изврши над левитите посветувањето нивно пред Господ во име на синовите израелски за да Му служат на Господ;
12 а левитите да ги ставаат рацете свои врз главите на јунците, и едниот да го принесат како жртва за грев, а другиот за сепаленица на Господ, за да им се простат гревовите на левитите.
13 Потоа постави ги левитите пред Арон и пред синовите негови и изврши го над нив посветувањето во Господ;
14 така оддели ги левитите од синовите израелски, па левитите да бидат Мои.
15 Потоа левитите, откако ќе ги очистиш и ќе го извршиш над нив посветувањето нивно, да влезат да служат во скинијата на собранието; зашто тие Ми се дадени меѓу синовите израелски;
16 бидејќи место сите првородени од синовите израелски, кои отвораат утроба, Јас ги зедов за Себе.
17 Зашто Мои се сите првородени кај синовите израелски, од човек до добиток: во оној ден, кога Јас ги убив сите првородени во египетската земја, Јас ги осветив за Себе,
18 и ги зедов левитите место сите првородени кај синовите на Израел.
19 Меѓу синовите израелски левитите му ги предадов на Арон а на синовите негови, за да служат место синовите израелски при скинијата на собранието и да внимаваат на синовите на Израел да не им се случи зло, ако се доближат до светилиштето.“
20 Така и постапија со левитите Мојсеј и Арон и целото општество на синовите израелски; како што му заповеда Господ на Мојсеј за левитите, така и постапија со нив синовите на Израел.
21 И левитите откако се очистија и ги испраа облеките свои, Арон изврши над нив посветување пред Господ и ги очисти, и се помоли за нив за да бидат чисти.
22 Потоа левитите влегоа да служат во скинијата на собранието пред Арон и пред синовите негови. Како што му заповеда Господ на Мојсеј за левитите, така и постапија со нив.
23 И му рече Господ на Мојсеј, велејќи:
24 „Еве го законот за левитите: од дваесет и пет години нагоре да стапуваат на служба при скинијата на собранието,
25 а од педесет години натаму да престанат да служат и повеќе да не работат;
26 а тогаш тие нека им помагаат на браќата свои да чуваат стража при скинијата на собранието, но служба да не служат. Така постапувај со левитите што се однесува до службата нивна.“