Numbers 11
1 Народот почна гласно да мрмори против Господ; и Господ чу, па Му се разгоре гневот, и меѓу нив пламна оган Господов и започна да го уништува крајниот дел од логорот.
2 И повика народот кон Мојсеј; Мојсеј Му се помоли на Господ и огнот престана.
3 И го нарекоа тоа место Тавера, зашто меѓу нив беше пламнал оган Господов.
4 Придојдените меѓу нив почнаа да негодуваат, а заедно со нив и синовите израелски седнаа, плачеа и велеа: „Кој ќе нѐ нахрани со месо?
5 Ја помниме рибата што ја јадевме како подарок во египетската земја, краставиците и дињите, и кромидот, и празот, и лукот;
6 а сега душата наша се исушила: освен мана, ништо друго пред очите наши.“
7 А маната прилегаше на коријандрово семе и изгледаше како бделиум.
8 Народот одеше да ја собира и ја мелеше со рачни мелници или ја толчеше во вагани, и ја вареше во котли, па правеше од неа питки; по вкус тие личеа на питулици, приготвени со масло.
9 Кога ноќе паѓаше роса врз логорот, тогаш паѓаше и мана врз него.
10 И чу Мојсеј дека народот плаче по домовите свои, секој пред вратата од колибата своја; и гневот Господов силно се разгоре, и на Мојсеј му стана тешко.
11 И Му рече Мојсеј на Господ: „Зошто го измачуваш Твојот слуга и зошто не најдов јас милост пред очите Твои, па го стави врз мене целото бреме на овој народ?
12 Зар јас го носев во утробата своја сиот овој народ, и зар јас го родив, па ми велиш: носи го на раце, како што доилката го носи детето, до земјата, што Ти со клетва им ја вети на предците негови?
13 Од каде кај мене месо, па да им дадам на сите овие луѓе, зашто тие плачат пред мене и велат: дај ни месо да јадеме.
14 Јас сам не можам да го носам сиот овој народ, зашто тој е претежок за мене.
15 Штом така постапуваш со мене, подобро убиј ме ако сум добил милост пред Твоите очи, па да не ја гледам неволјата своја.“
16 И му рече Господ на Мојсеј: „Собери ми седумдесет мажи од старешините израелски, за кои знаеш дека се негови главатари и надзорници, па доведи ги кај скинијата на собранието, за да застанат таму заедно со тебе.
17 Јас ќе слезам и ќе зборувам таму со тебе, ќе земам од Духот, Кој е врз тебе, и ќе им наредам ним, да го носат заедно со тебе бремето на народот, а не ти сам да го носиш.
18 А на народот кажи му: очистете се за утрешниот ден, и ќе јадете месо; зашто плачете пред Господ велејќи: — кој ќе не нахрани со месо; добро ни беше во Египет, — затоа Господ ќе ви даде месо, и ќе јадете месо;
19 ќе јадете не ден, не два, не пет, не десет и не дваесет дена,
20 но цел месец ќе јадете, додека не ви излезе од ноздрите и не ви омрзне, затоа што Го презревте Господа, Кој е меѓу вас, и плачете пред Него, велејќи: — што ни требаше да излегуваме од Египет?“
21 И рече Мојсеј: „Шестотини илјади пешаци има во тој народ, среде кој сум јас, а Ти велиш: Јас ќе им дадам месо, и ќе јадат цел месец!
22 зар треба да се заколат сите овци и волови, па да им биде доволно? Или ќе се собере сета морска риба, па да ги задоволи?“
23 И му рече Господ на Мојсеј: „Зар е раката Господова кратка? Сега ќе видиш, ќе се оствари ли зборот Мој кон тебе, или не!“
24 Мојсеј излезе и му ги кажа на народот зборовите Господови, и собра седумдесет постари мажи меѓу старешините народни и ги постави околу скинијата.
25 И Господ слезе во облак и говореше со него, и зеде од Духот, Кој беше над него, и им даде на седумдесетте мажи старешини. И кога слезе над нив Духот, тие почнаа да пророкуваат, но потоа престанаа.
26 Двајца од мажите беа останале во логорот; името на едниот му беше Елдад, а на другиот — Медад; но и над нив беше слегол Духот, и тие пророкуваа во логорот.
27 Дотрча едно момче и му јави на Мојсеј, и рече: „Елдад и Медад пророкуваат во логорот.“
28 Во одговор на тоа Исус, син Навинов, служител на Мојсеј уште од неговите млади години, рече: „Господаре мој, Мојсеје, забрани им!“
29 Но Мојсеј му рече: „Зар завидуваш поради мене? О, да беа сите од народот Господов пророци, и да им го испратеше Господ Својот Дух!“
30 Тогаш Мојсеј се врати во логорот, тој и старешините израелски.
31 Потоа дувна ветар од Господ, и донесе откај морето потполошки и ги натрупа околу логорот на еден ден пат од едната страна и на еден ден пат од другата страна околу логорот, речиси до два лакта од земјата.
32 Се крена народот, и целиот оној ден и цела ноќ и целиот иден ден се собираа потполошки; и оној, кој малку собираше, и тој собра десет гомери: и ги наредија околу логорот.
33 Месото беше уште во нивните заби и уште не беше изедено, кога се разгоре гневот Господов против народот, и Господ го порази народот со мошне голем пораз.
34 И го нарекоа тоа место: Киврот-Таава (гробишта на алчноста), зашто таму го погребаа народот, кој се покажа алчен.
35 И се кренаа луѓето од Киврот-Таава, па појдоа за Хацерот, и во Хацерот се сместија.