1Кога ги заврши Исус тие зборови, тргна од Галилеја и пристигна во пределите јудејски, отаде Јордан.
2По Него појде многу народ и Тој ги исцели таму.
3И дојдоа кај Него фарисеите што Го искушуваа, па Му рекоа: „Може ли човек да ја остави жената своја за каква и да било причина?“
4Тој им одговори и рече: „Не ли сте читале, дека Оној што ги создаде во почетокот, маж и жена ги создаде, и рече:
5‚Затоа ќе остави човек татко и мајка и ќе се прилепи до жената своја и ќе бидат обата едно тело.‘
6Па така, тие веќе не се двајца, туку едно тело. А Бог што соединил човек да не разделува.“
7Тие Му рекоа: „Зошто тогаш Мојсеј заповеда да ѝ даде мажот разводно писмо и да ја напушти?“
8Тој им одговори: „Заради вашите жестоки срца Мојсеј ви дозволи да ги оставате жените свои; но во почетокот не беше така.
9Јас, пак, ви велам: оној што ќе ја остави својата жена, освен заради прељуба, и се ожени со друга, тој извршува прељуба; и оној, што ќе се ожени со напуштена, исто така прељубодејствува.“
10А учениците Негови Му рекоа: „Ако е таква должноста на човекот кон жената, тогаш не треба ни да се жени!“
11Но Тој рече: „Секој не може да го прифати ова учење, туку само оние на кои им е дадено;
12зашто има скопени, така родени од мајчината утроба; а има скопени и од луѓе, но има и скопени, кои самите себе се скопиле заради царството небесно. Кој може да прифати, нека прифати.“
13Тогаш кај Него доведоа деца, за да ги положи рацете над нив и да се помоли, а учениците им забрануваа.
14Но Исус рече: „Оставете ги децата и не пречете им да доаѓаат кај Мене, зашто на такви е царството небесно.“
15И откако ги положи рацете над нив, Исус си отиде оттаму.
16И ете, еден човек, кога пристапи до него, Му рече: „Учителе добар, какво добро треба да направам за да имам живот вечен?“
17А Тој му одговори: „Зошто Ме нарекуваш добар? Само Еден е добар. А ако сакаш да влезеш во животот, запазувај ги заповедите.“
18Тој Му рече: „Кои?“ А Исус одговори: „Не убивај, не прељубодејствувај, не кради, не сведочи лажно;
19почитувај ги татка си и мајка си; сакај го ближниот свој како себеси!“
20Младиот човек Му рече: „Сето тоа сум го запазил уште од детството; што ми е уште потребно?“
21Исус му кажа: „Ако сакаш да бидеш совршен, оди, продај го имотот свој и раздели го на сиромаси, и ќе имаш богатство на небото; па дојди и врви по Мене!“
22Штом ги чу младиот човек овие зборови, си отиде нажален, бидејќи имаше голем имот.
23А Исус им рече на учениците Свои: „Вистина, ви велам, богат мачно ќе влезе во царството небесно;
24и уште ви велам: полесно ѝ е на камилата да мине низ иглени уши, отколку на богатиот да влезе во царството Божјо.“
25Кога го чуја тоа учениците, многу се зачудија и рекоа: „Тогаш кој може да се спаси?“
26Исус, ги погледна и им рече: „За луѓето тоа не е можно, но за Бога сѐ е можно.“
27Тогаш Петар одговори и Му рече: „Ете, ние оставивме сѐ, и по Тебе одиме: што ќе стане, со нас?“
28А Исус им рече: „Вистина ви велам дека вие што врвите по Мене, во новиот свет, кога Синот Човечки ќе седне на престолот на славата Своја, ќе седнете и вие на дванаесет престоли и ќе судите над дванаесетте Израелови колена;
29и секој што ќе остави куќа, или брат, или сестра, или татко, или мајка, или жена, или деца, или ниви, заради Моето име, ќе наследи стопати повеќе и ќе добие живот вечен.
30Но мнозина први ќе бидат последни, а последните први.“