1Преминаа отаде море, во Гадаринската земја.
2И кога Тој излезе од коработ, веднаш Го пресретна од гробиштата еден човек со нечист дух.
3Тој живееше во гробовите, и дури и со вериги никој не можеше да го врзе;
4зашто многупати беше во окови и во вериги врзан, ама ги кршеше оковите и ги раскинуваше веригите, и никој не можеше да го скроти;
5и секогаш, ноќе и дење, по гробиштата и по ридиштата викаше и се удираше со камења.
6Штом Го виде Исус оддалеку, притрча и Му се поклони.
7Па, како извика со силен глас, рече: „Што имаш, Ти, со мене, Исусе, Сине на Севишниот Бог? Те заколнувам во Бога, не мачи ме!“
8Зашто му беше рекол: „Духу нечист, излези од човекот!“
9И го праша: „Како те викаат?“ А тој одговори и рече: „Легија ми е името, зашто сме многу.“
10И многу Го молеа да не ги брка од тој крај.
11А таму, по ридот, пасеше големо крдо свињи.
12И Го молеа и велеа: „Прати нѐ во свињине, да влеземе во нив.“
13И Исус веднаш им дозволи. Откако излегоа, нечистите духови влегоа во свињите, и јурнаа свињите по стрмнината во морето, а беа околу две илјади; и се издавија во морето.
14А оние, што ги пасеа свињите, побегнаа и известија во градот и по околијата. И мнозина излегоа да видат што станало.
15И дојдоа кај Исус, и го видоа бесомачниот како седи облечен, и со здрав ум, во кого имаше легија, и се уплашија.
16А оние, кои беа виделе, раскажуваа што стана со обземениот од зол дух и со свињите.
17И почнаа да Го молат да си оди од нивните краишта.
18А кога влезе во коработ, оној, што беше порано бесомачен, Го помоли да биде со Него.
19Исус не му дозволи, но му рече: „Оди дома кај своите, па раскажи им што стори Господ за тебе и како те помилува.“
20Си отиде, и почна да раскажува по Десеттоградието што му направи Исус. И сите се чудеа.
21А кога премина Исус со коработ пак на другата страна, кај Него се собра многу народ. И беше покрај морето.
22И ете, дојде еден од началниците на синагогата, по име Јаир; па, штом Го виде, падна пред нозете Негови
23и усрдно Го молеше многу, говорејќи: „Ќерка ми е на умирање; дојди и положи ги рацете над неа, за да оздрави и биде жива!“
24И појде со него. А по Него врвеше многу народ и Го притискаа.
25Една жена, што страдаше од крвавење дванаесет години,
26и големи маки беше претрпела од мнозина лекари, потрошила сѐ што имала и никаква полза не видела, а ѝ станало дури уште полошо,
27штом чу за Исус, се приближи одзади меѓу народот и се допре до облеката Негова;
28зашто си велеше: „Само ако се допрам до облеката Негова, ќе оздравам.“
29И веднаш престана крвавењето, и таа осети во телото свое дека е излекувана од болеста.
30А Исус одеднаш почувствува во Себе како излезе сила од Него и се сврте кон народот и рече: „Кој се допре до облеката моја?“
31Учениците Негови Му рекоа: „Гледаш дека народот Те притиска, а прашуваш: ‚Кој се допре до Мене?‘“
32Но Тој гледаше наоколу, за да ја види онаа, што го направи тоа.
33Жената, пак, се уплаши и трепереше; па, знаејќи што стана со неа, се приближи, падна пред Него и Му ја кажа целата вистина.
34А Тој ѝ рече: „Ќерко, верата твоја те спаси; оди си со мир и биди здрава од болеста своја!“
35Додека Тој уште зборуваше, дојдоа од кај началникот на синагогата и рекоа: „Ќерка ти умре; што Му создаваш уште труд на Учителот!“
36Но Исус, откако ги чу тие зборови, му рече на началникот на синагогата: „Не плаши се, само верувај!“
37И никому не му дозволи да оди со Него, освен на Петар, на Јаков, и на Јован, братот на Јаков.
38Дојде во куќата на началникот на синагогата и виде растревоженост, плачење и силно врискање.
39И кога влезе, им рече: „Што сте се развикале и расплакале? Девојчето не е умрено, туку спие!“
40А тие Му се потсмеваа. Тој, пак, откако ги истера сите, ги зеде таткото и мајката на девојчето и оние што беа со Него, и влезе каде што лежеше девојчето.
41И кога ја фати раката на девојчето, рече: „Талита, куми!“ — што значи: „Девојко, тебе ти велам, стани!“
42И девојката одеднаш стана и почна да оди. А имаше дванаесет години. И сите се зачудија многу.
43А Тој строго им заповеда, никој да не разбере за тоа и рече: „Дајте ѝ да јаде!“