1И влезе пак во синагогата, а таму имаше еден човек со исушена рака.
2И пазеа на Него, дали ќе го исцели во саботен ден, за да Го обвинат.
3А Тој му рече на човекот со исушената рака: „Застани насреде!“
4Ним, пак, им кажа: „Во сабота дозволено ли е да прави човек добро или зло; да спаси една душа или да ја погуби?“
5Па, кога ги изгледа со гнев, зашто Му беше тешко поради нивните скаменети срца, му рече на човекот: „Протегни ја раката своја!“ Тој ја протегна и таа му стана здрава, како и другата.
6Фарисеите, штом излегоа, веднаш се собраа со Иродовците на совет против Него, како да Го погубат.
7Исус, пак, отиде со Своите ученици кон морето и по Него одеше многу народ од Галилеја и од Јудеја,
8од Ерусалим и од Идумеја и отаде Јордан. Па и од Тир и Сидон, откако чуја какви дела врши, во голем број дојдоа кај Него.
9И им порача на учениците Свои да Му приготват кораб, поради народот, за да не Го туркаат;
10зашто мнозина беше излекувал, така што сите, кои беа болни, навалуваа кон Него за да се доближат до Него.
11И нечистите духови, штом ќе Го видеа, паѓаа пред Него, викаа и говореа: „Ти си Син Божји!“
12Но Тој строго им забрануваше да разгласуваат за Него.
13Потоа се искачи на гората и ги повика кај Себе оние, кои Сам ги одбра и тие дојдоа кај Него.
14Избра дванаесетмина кои ги нарече апостоли да бидат со Него и да ги праќа да проповедаат;
15и да имаат власт да лекуваат болести и да изгонуваат демони:
16првиот Симон, кого го нарече Петар;
17па Јаков Заведеев и брат му Јован, на кои им даде име Воанергес, што значи, синови на громот;
18потоа Андреј, Филип, Вартоломеј, Матеј, Тома, Јаков Алфеев, Тадеј, Симон Хананеецот
19и Јуда Искариот, кој и Го предаде.
20И дојдоа в куќи; и пак се собра народ, така што тие не можеа ни леб да јадат.
21И кога чуја Неговите, отидоа да Го приберат, зашто се говореше дека не бил на Себеси.
22А книжниците, што беа слегнале од Ерусалим, велеа дека во Него е Велзевул и дека демоните ги истерува со силата на заповедникот на демоните.
23И кога ги повика, им говореше во параболи: „Како може сатаната да изгонува сатана?
24Ако едно царство се раздели на делови, еден против друг, тоа царство не може да се одржи;
25и, ако еден дом се раздели на делови, еден против друг, тој дом не може да опстане;
26ако и сатаната се дигнал против себеси, и се разделил, не ќе може да се одржи, но му дошол крајот.
27Никој не може, кога ќе влезе во куќата на силен човек, да му ја ограби покуќнината, ако најнапред не го врзе силниот; и тогаш ќе му ја земе покуќнината.
28Вистина, ви велам: на човечките синови ќе им се простат сите гревови и хули, какви и да бидат тие;
29но, кој похули на Светиот Дух, нему нема да му се прости никогаш, а ќе биде виновен пред вечниот суд.“
30Зашто велеа: „Нечист дух има во Него.“
31И дојдоа мајка Му и браќата Негови, па, стоејќи надвор, порачаа да Го викнат.
32А околу Него седеше народ, и Му рекоа: „Ете, мајка Ти и браќата Твои, и сестрите Твои, надвор се и Те бараат.“
33А Тој им одговори, велејќи: „Која е Мојата мајка и кои се браќата Мои?“
34Па, упатувајќи поглед кон оние што седеа околу Него, рече: „Еве ги Мојата мајка и Моите браќа.
35Зашто оној, кој ја исполнува волјата Божја, тој Ми е брат, и сестра, и мајка!“