Leviticus 14
1 И му рече Господ на Мојсеј, велејќи:
2 „Еве го законот за лепрозен, кога се извршува неговото очистување: нека го доведат кај свештеникот.
3 Свештеникот треба да излезе надвор од населбата, па ако увиди дека тој се излекувал од лепрата,
4 да нареди за оној што се очистил да се земат две чисти живи птици, кедрово дрво, црвен јаток и исоп.
5 Потоа свештеникот да заповеда да се заколе една од птиците над глинен сад, над изворска вода;
6 и да ја земе живата птица, кедровото дрво, црвениот јаток и исопот, и да ги натопи нив и живата птица во крвта на птицата заклана над живата вода,
7 и попрскувајќи го седумпати оној, кој се очистил од лепрата, да го прогласи за чист, а живата птица да ја пушти в поле на слобода.
8 Оној, кој се очистил, да ги испере алиштата свои, да ја истриже сета коса, да се измие со вода, и ќе биде чист; потоа да влезе во населбата и да престои седум дена надвор од домот свој.
9 На седмиот ден да се избричат сите влакна на главата, на брадата, на веѓите — сите влакна да ги избричи и да ги испере алиштата, потоа да го измие телото свое со вода, и ќе биде чист;
10 на осмиот ден да земе две машки јагниња, без недостаток, и една овца едногодишна без мана како и три десетини од ефа пченично брашно, помешано со масло, со лебен принос, и еден лог масло.
11 Свештеникот, кој ќе го врши очистувањето, да го претстави оној што се очистува заедно со приносот пред Господ при влезот од скинијата на собранието.
12 И ќе го земе свештеникот едното јагне и ќе го приведе како жртва за вина, и логот со масло, и нека го принесе тоа, нишајќи ги пред Господ;
13 и ќе го заколе јагнето на она место, каде што се колат жртвите сепаленици поради грев, на свето место, зашто жртвата за вина како и жртвата за грев му припаѓа на свештеникот: тоа е голема светиња.
14 И свештеникот ќе земе од крвта на жртвата за вина и ќе го намаже крајчето од десното уво на оној кој се очистува, и палецот на десната негова рака, и палецот на десната негова нога.
15 Потоа свештеникот нека го земе логот со маслото и нека излее од маслото во својата лева дланка,
16 па ќе го натопи својот десен показалец во маслото што му е во левата дланка, и со прстот ќе попрска од маслото седумпати пред Господ,
17 а со остатокот од маслото, што му е во дланката, ќе го намачка крајчето од десното уво на оној што се очистува, и палецот на десната нога, и палецот на десната рака, на оние места каде што е крвта од жртвата поради вина.
18 Преостанатото, пак, масло, што му е во дланката на свештеникот, тој ќе го излее врз главата на оној што се очистува; и ќе го очисти свештеникот пред Господ.
19 Потоа свештеникот ќе ја принесе жртвата за грев и ќе го очисти оној што се очистува од неговата нечистота, а потоа ќе ја заколе жртвата сепаленица.
20 И ќе ги принесе жртвата сепаленица и лебниот принос на жртвеникот; и ќе го очисти свештеникот и тој ќе биде чист.
21 Ако е, пак, сиромав и не е во можност, тој нека земе едно јагне како жртва за вина за своето очистување, и еден десетти дел од ефа пченично брашно, помешано со масло, како лебен принос, како и еден лог масло,
22 и две грлици или два млади гулаба, што ќе најде, — едната од тие птици да е жртва за грев, а другата — жртва сепаленица.
23 На осмиот ден од своето очистување, да му ги донесе тој на свештеникот крај вратата од скинијата на собранието, пред лицето Господово.
24 Свештеникот ќе го земе јагнето што е жртва за вина и логот со масло, и ќе го принесе тоа, нишајќи го пред Господ.
25 И, штом ќе го заколе јагнето како жртва за вина, свештеникот ќе земе од крвта на жртвата за вина и ќе го намаже крајчето од десното уво на оној, кој се очистува, и палецот на десната рака, и палецот на десната нога.
26 А од маслото свештеникот ќе излее во својата лева дланка;
27 и со десниот показалец, од маслото што му е во левата дланка, да попрска седумпати пред Господ.
28 И да го намаже свештеникот со масло, од она што му е во дланката, крајчето на десното уво на оној што се очистува, и палецот на десната рака, и палецот на десната нога, на она место каде што е крвта од жртвата за вина.
29 Остатокот, пак, од маслото што му е во дланката, да го излее врз главата на оној што се очистува, за да го направи чист пред Господ.
30 Потоа нека ја принесе свештеникот едната грлица, или едниот млад гулаб, каков што ќе најде, оној, кој се очистува;
31 едната птица — жртва за грев, а другата — жртва сепаленица, заедно со лебниот принос; и свештеникот ќе го направи оној што се очистува чист пред Господ.
32 Тоа е законот за оној што добил лепра, а при чистењето немал доволно средства.“
33 И им рече Господ на Мојсеј и на Арон, велејќи:
34 „Кога ќе влезете во земјата хананска, што ви ја давам да ја владеете, и ќе испратам лепра во куќите што ќе бидат ваши,
35 тогаш оној, чија е куќата, треба да отиде кај свештеникот и да каже: ‚по сѐ изгледа во мојата куќа се појави зараза.‘
36 А свештеникот ќе нареди куќата да се испразни пред тој да влезе да ја прегледа заразата, за да не стане нечисто сѐ што е во куќата; потоа свештеникот ќе дојде и ќе ја прегледа куќата.
37 И тој, кога ќе ја прегледа раната и ќе види дека заразата по ѕидовите на куќата се состои од зеленикави или црвеникави длабнатинки и по својот изглед се всадила во ѕидовите,
38 ќе излезе од куќата низ вратата, а куќата ќе ја затвори за седум дена.
39 А кога во седмиот ден ќе се врати, и ќе види дека заразата се проширила по ѕидовите на куќата,
40 ќе нареди да се извадат камењата на кои има зараза, и да се фрлат надвор од населбата, на нечисто место;
41 а куќата одвнатре целата да ја истружат и струганиците да ги исфрлат надвор од градот, на нечисто место.
42 И да земат други камења и да ги стават на местото на извадените и со друг малтер да ја измачкаат куќата.
43 Ако заразата пак се појави и почне да се шири по куќата, откако се извадени камењата и куќата е истругана и премачкана,
44 свештеникот, штом ќе влезе и види дека заразата се раширила по куќата, во таа куќа има лоша лепра — нечиста е.
45 Таа куќа да се урне, а камењата и дрвата и сиот малтер од куќата да се изнесат надвор од градот, на нечисто место.
46 Оној што ќе влегува во таа куќа, додека е таа затворена, нечист ќе биде до вечерта;
47 а оној што ќе спие во таа куќа, да ја испере облеката своја; и кој ќе јаде во таква куќа, и тој треба да ја испере облеката своја.
48 Ако, пак, свештеникот дојде и види дека заразата во куќата не се раширила, откако е куќата премачкана, нека ја прогласи куќата за чиста, бидејќи заразата поминала.
49 А за да ја очисти куќата, ќе земе две живи птици, кедрово дрво, црвен јаток и исоп,
50 и ќе ја заколе едната птица над глинен сад, над изворска вода.
51 Потоа тој ќе го земе кедровото дрво и исопот, црвениот јаток и живата птица и ќе ги натопи во крвта од закланата птица и во изворската вода, и ќе ја попрска куќата седумпати,
52 и ќе ја очисти куќата со крвта од птицата и со живата вода, со живата птица и кедровото дрво, со исопот и со црвениот јаток;
53 потоа живата птица да ја пушти во полето, надвор од градот, и ќе го очисти домот и домот ќе биде чист.
54 Тоа е законот за секоја зараза од лепра и за ќелата,
55 и за лепра по облеката и по куќите,
56 и за оток, и за лишаи, и за дамки, —
57 за да се знае кога се тие нечисти, а кога — чисти: ова е законот за лепрата.“