Judges 5
1 Во тој ден запеаја Девора и Варак, синот Авиноамов со овие зборови:
2 „Благословувајте Го Господа зашто се одмазди за Израел, народот покажа сесрдност.
3 Слушајте, цареви, внимавајте, кнезови; јас ќе Му пеам и ќе Му свирам на Господ, на Господ, Бог Израелов!
4 Кога излегуваше Ти, Господи, од Сеир, кога доаѓаше од полето Едом, земјата се тресеше, небото капеше и облаците вода пролеваа;
5 горите се топеа од лицето на Господ, дури и Синај затрепери пред Господ, Бог Израелов.
6 Во дните на Самегар, синот Анатов, во дните на Јаел, патиштата опустеа и кои порано одеа по правите патишта, тогаш одеа по околните патеки.
7 Во Израел немаше жител во селата, немаше, додека јас, Девора, не станав, додека не востанав јас, мајката Израелова.
8 Избраа нови богови, затоа војната беше пред вратата. Се виде ли штит и копје меѓу четириесет илјади од Израел?
9 Срцето ми е кон вас, началници Израелови, кон ревнителите во народот; прославувајте Го Господа!
10 Вие, кои јавате на бели магариња што седите во судовите и одите по патот, разгласувајте!
11 Среде гласовите на оние што плескаат, таму нека покажат правда, Господи, зацврсти ја правдата во Израел! Тогаш народот Господов се разотиде по своите градови.
12 Разбуди се, разбуди се, Девора, разбуди се, па запеј песна! Стани, Варак и води ги своите платеници, сине Авиноамов!
13 Тогаш се возвеличи силата негова; Господ мене ми ги потчини храбрите.
14 Од Ефрем дојдоа оние, кои беа фатиле корен во долините; по тебе е братот твој Венијамин, според народот твој; од Махир доаѓаа началници, а од Завулон оние што се занимаваат со пишување.
15 И кнезовите Исахарови се со Девора, и Исахар исто така како Варак, се спуштија пеш во долината. Во Рувимовите племиња — големо разногласие.
16 Зошто си ми седнал меѓу кошарите и го слушаш блеењето на стадата? Во Рувимовите племиња — големо несогласие.
17 Галаад си живее спокојно од онаа страна на Јордан, и зошто Дан да се занимава со корабите, а Асир да седи на морскиот брег и се весели крај своите пристаништа.
18 Завулон е народ, кој ја даде душата своја на смртта, и Нефталим — на полските височини.
19 Дојдоа цареви, тогаш се судрија царевите ханански во Таанах, крај водите Мегидонски, но ни парче сребро не добија.
20 Од небото се војуваше, се биеја ѕвездите од своите патишта против Сисера.
21 Потокот Кишон ги одвлече; стародревниот поток — потокот Кишон. Гази ги, душо моја, силните!
22 Тогаш отпаѓаа копитата на коњите од топотење, од терање на јавачите нивни.
23 Проколнете го Мероз, рече ангелот Господов, проколнете ги жителите негови, затоа што не дојдоа на помош на Господ со храбрите.
24 Нека е благословена меѓу жените Јаел, жената на Кениецот Хевер, меѓу жените во шаторите нека е благословена!
25 Тој побара вода: таа млеко му даде, во војводска чаша му донесе мрсно млеко.
26 Левата рака своја таа ја протегна кон колецот, а десната — кон чеканот ковачки; го удри Сисера, му ја здроби главата, го прободе и му ги проби слепоочниците негови.
27 Меѓу нозете нејзини падна, истоштен се испружи и умре, меѓу нозете нејзини падна веднаш.
28 Погледна низ прозорецот Сисеровата мајка, низ решетката и си помисли: зошто не доаѓа уште колата негова, зошто се забавуваат тркалата на колите негови?
29 Мудрите нејзини дворјани ѝ одговараат, а и самата таа си одговара на зборовите свои:
30 можеби нашле плен, па го делат: кому по една мома, кому по две на војник. Плен шарен за Сисера, плен шарен, везен; шарен и везен од обете страни, симнат од рамениците на пленикот.
31 Така да загинат сите Твои непријатели, Господи! А оние, кои Го сакаат, да бидат како сонце кога изгрева во сета своја сила!“ — И мирна беше земјата четириесет години.