1И штом го рече ова, Исус отиде со учениците Свои преку потокот Кедрон, каде што имаше градина, и во неа влезе Тој и учениците Негови.
2А тоа место го знаеше и Јуда, кој сакаше да Го предаде, зашто Исус често се собираше со учениците Свои таму.
3Тогаш Јуда, откако зеде една чета војници и слуги од првосвештениците и фарисеите, дојде таму со фенери, со светила и со оружје.
4А Исус, знаејќи сѐ што ќе стане со Него, излезе и им рече: „Кого барате?“
5Му одговорија: „Исус од Назарет!“ Исус им рече: „Јас сум.“ Со нив стоеше и Јуда, кој Го предаде.
6А кога им рече: „Јас сум“ — тие се повлекоа назад и паднаа на земјата.
7Тогаш пак ги праша: „Кого барате?“ А тие рекоа: „Исус од Назарет!“
8Исус одговори: „Ви реков дека сум Јас; па, ако Ме барате Мене, оставете ги овие да си одат;“
9за да се изврши словото кажано од Него: „Од оние што си Ми ги дал, никого не загубив.“
10А Симон Петар, кој имаше нож, го извади, го удри слугата на првосвештеникот и му го отсече десното уво. Името на слугата му беше Малх.
11Но Исус му рече на Петар: „Стави го ножот во ножницата. Зар да не ја испијам чашата што Ми ја даде Отецот?“
12Тогаш четата и заповедникот, и слугите јудејски, Го фатија Исус и Го врзаа.
13И Го одведоа најнапред кај Ана, зашто тој беше дедо на Кајафа, кој во таа година беше првосвештеник.
14А Кајафа беше оној што ги посоветува Јудејците дека подобро е да умре еден човек за народот.
15По Исус одеше Симон Петар и еден друг ученик. Тој ученик му беше познат на првосвештеникот, па влезе со Исус во дворот на првосвештеникот.
16А Петар стоеше надвор, покрај портата. Другиот, пак, ученик, што му беше познат на првосвештеникот, излезе, ѝ рече на вратарката и го воведе Петар.
17Тогаш слугинката вратарка му рече на Петар: „Да не си и ти од учениците на Овој Човек?“ Тој рече: „Не сум.“
18А слугите и стражарите беа запалиле оган и стоеја, па се грееја, зашто беше студено. Со нив стоеше и Петар и се грееше.
19Првосвештеникот, пак, Го праша Исус за учениците Негови и за Неговото учење.
20Исус му одговори: „Јас му зборував на светот јавно; Јас секогаш поучував по синагогите и во храмот, каде што секојпат се собираат Јудејците, и тајно ништо не сум зборувал.
21Зошто Ме прашуваш Мене? Прашај ги оние кои слушале што сум зборувал; тие знаат што сум говорел.“
22Кога Тој го рече тоа, еден од слугите, кој стоеше близу, Го удри Исус по образ и рече: „Така ли му одговараш на првосвештеникот?“
23Исус му одговори: „Ако реков нешто лошо, докажи го лошото; ако ли, пак, добро — зошто Ме удираш?“
24Тогаш Ана Го прати врзан кај првосвештеникот Кајафа.
25А Симон Петар стоеше и се грееше. И му рекоа: „Да не си и ти од учениците Негови?“ Тој порекна и рече: „Не сум.“
26Еден од слугите на првосвештеникот, што му беше роднина на оној кому Петар му го беше отсекол увото, рече: „Нели те видов и тебе во градината со Него?“
27А Петар пак порекна; и веднаш запеа петел.
28И Го поведоа Исус од Кајафа во преторијата. Но беше утро, и тие не влегоа во неа, за да не се осквернат, за да можат да ја јадат Пасхата.
29Тогаш излезе Пилат пред нив и рече: „За што Го обвинувате Овој Човек?“
30Одговорија и му рекоа: „Ако Тој не беше злосторник, немаше да ти Го предадеме!“
31А Пилат им рече: „Земете Го вие и судете Му според вашиот закон!“ Јудејците му рекоа: „Нам не ни е дозволено да погубуваме никого“,
32за да се исполни зборот Исусов, што го рече, кажувајќи со каква смрт ќе умре.
33Тогаш Пилат влезе во судницата, па Го повика Исус и Му рече: „Ти ли си Царот Јудејски?“
34Исус му одговори: „Сам ли го зборуваш тоа или други ти кажаа за Мене?“
35Пилат одговори: „Та јас Јудеец ли сум? Твојот народ и првосвештениците Те предадоа на мене. Што си направил?“
36Исус одговори: „Моето царство не е од овој свет; ако беше царството Мое од овој свет, тогаш Моите слуги би Ме бранеле, за да не им бидам предаден на Јудејците; но царството Мое сега не е овде.“
37А Пилат Му рече: „Ти, пак, Цар ли си?“ Исус одговори: „Ти велиш дека сум Цар. Јас за тоа се родив и за тоа дојдов на светот, за да сведочам за вистината; секој, кој е од вистината, го слуша гласот Мој.“
38Пилат Го праша: „Што е тоа вистина?“ И кога го рече ова, излезе пак кај Јудејците и им рече: „Јас не наоѓам никаква вина во Него.
39Но кај вас е обичај да ви пуштам по еден за Пасха. Сакате ли да ви Го пуштам Царот Јудејски?“
40И пак повикаа сите, велејќи: „Не Овој, туку Варава.“ Варава, пак, беше разбојник.