1Развесели се, ти неплодна, што не раѓаш; воскликни и извикај ти, која не си почувствувала родилни маки; зашто напуштената има многу повеќе деца од онаа, која има маж, вели Господ.
2Рашири го местото на шаторот свој; покривите твои на живеалиштето твое прошири ги; продолжи ги јажињата свои и зацврсти ги колците свои;
3зашто ти ќе се рашириш десно и лево, и потомството твое ќе завладее народи и ќе ги насели опустошените градови.
4Не плаши се, зашто нема да бидеш посрамена; не возбудувај се, зашто нема да бидеш исмеана: ќе го заборавиш посрамувањето на младоста своја и нема повеќе да си спомниш за срамот на вдовството твое.
5Зашто твојот Творец е твојот сопруг; Јахве Саваот е името Негово, твој искупител е Светецот Израелов: Тој ќе се нарече Бог на целата земја.
6Зашто Господ те вика како жена, напуштена и жална со духот, како жена од младини, која била отфрлена, вели твојот Бог.
7За малку време те оставив, но со голема милост ќе те приберам.
8Во пламенот на гневот го сокрив од тебе лицето Свое за кратко време, но со вечна милост ќе те помилувам, вели твојот Искупител Господ.
9Зашто тоа за Мене е како потопот за време на Ное: како што се заколнав дека потоп нема повеќе да дојде на земјата, така се заколнав дека нема да ти се лутам, ниту да те прекорувам.
10Планини ќе се поместат, и ридови ќе се разнишаат, но Мојата милост нема да отстапи од тебе и заветот на Мојот мир нема да се разниша, вели Господ, Кој те милува.
11О, неволна, тркалана од виорот, неутешна! Ете, Јас ќе ги положам твоите камења врз смарагд и ќе ги направам твоите основи од сафири;
12и ќе ги направам твоите прозорци од рубини и твоите порти — од бисер, а целата ограда твоја — од скапоцени камења.
13И сите твои синови ќе бидат научени од Господ, и голема среќа ќе има меѓу синовите твои.
14Ти ќе се утврдиш со правда, ќе бидеш далеку од насилствата, бидејќи ќе нема од што да се плашиш, далеку ќе биде од тебе и ужасот, зашто тој нема да се приближи до тебе.
15Ете, ќе се вооружат против тебе, но тоа не е од Мене; кој и да се вооружи против тебе, ќе падне.
16Ете, Јас создадов ковач, кој го раздувува јагленот во огнот и ќе произведува орудија за својата цел, — а Јас сум создал и губител, кој истребува.
17Ниедно оружје, направено против тебе, нема да има успех; и секој јазик, кој би се подигнал против тебе на суд, — ти ќе го обвиниш. Тоа е наследство на слугите Господови, нивна победа од Мене, вели Господ.