1Пристапете, народи; слушајте и внимавајте, племиња! Нека слуша земјата и сѐ што ја исполнува, вселената и сѐ што се раѓа во неа!
2Зашто гневот на Господ е врз сите народи, а јароста Негова врз целата нивна војска. Тој ќе ги уништи, ќе ги предаде на погибел.
3И нивните убиени ќе бидат расфрлани, и од труповите нивни ќе се крене смрдеа; по планините ќе потече нивна крв.
4И ќе излезе сета небесна војска, и небото ќе се свитка како книжен свиток; сета војска нивна ќе падне, како што паѓа лист од лоза, како свенат лист од смоква.
5Зашто мечот Мој се опи на небото: ете, за суд слегува тој над Едом, за да биде казнет народот што го проколнав.
6Мечот Господов ќе се насити со крв, ќе се намрси од маснотија, од јагнешка и козја крв, од маснотиите на овнешките бубрези: зашто Господ има жртва во Восор, и голем колеж во земјата едомска.
7И биволи ќе паднат со нив и телиња заедно со волови, земјата ќе се опие од крвта нивна, а правот нивни ќе се намрси од маснотија.
8Зашто настапи денот за одмазда Господова, годината на отплата за Сион.
9И реките негови ќе се претворат во катран, а правот негов — во сулфур; и земјата негова ќе биде запален катран;
10нема да гасне ни дење, ни ноќе; и димот нејзин вечно ќе излегува, од род во род ќе остане запустена; никогаш нема да мине никој по неа.
11И ќе ја завладеат пеликани и ежови, буфови и гаврани ќе се населат во неа; и ќе протегнат по неа јаже за разорување и мера за уништување.
12Никој нема да остане таму од нејзините старешини, за да прогласуваат цареви; сите кнезови нејзини ќе бидат уништени.
13Дворците нејзини ќе обраснат со трње, а тврдините нејзини — со коприва и пиреј; таа ќе им биде живеалиште на чакалите, свртилиште на ноевите.
14Ѕверови пустински ќе се среќаваат со диви мачки, козли ќе се повикуваат еден со друг; таму Лилит ќе се одмара и ќе наоѓа спокојство.
15Таму ќе свие гнездо буфот, ќе несе јајца, ќе веде малечки и ќе ги собира под сенката своја; таму и јастреби ќе се собираат еден со друг.
16Барајте во книгата Господова и прочитајте; ниедно од тие нема да одмине, едно со друго нема да се замени. Зашто самата Негова уста заповеда, самиот дух Негов ќе ги собере.
17Зашто Тој Самиот им фрли ждрепка, Неговата рака ќе им ја раздели земјата со мерка; засекогаш тие ќе ја владеат, од род во род ќе живеат во неа.