Genesis 43
1 Но гладот се зголемуваше во таа земја.
2 А кога го изедоа житото, што го беа донеле од Египет, таткото нивни им рече: „Одете пак и купете ни малку храна.“
3 Јуда му проговори и рече: „Оној човек јасно ни рече: ‚Да не се јавувате пред лицето мое, ако вашиот помал брат не дојде со вас.‘
4 Ако го пуштиш со нас братот наш, ќе одиме и ќе ти купиме храна.
5 Ако, пак, не го пуштиш, тогаш нема да одиме, зашто оној човек ни рече: ‚Да не се појавувате пред лицето мое, ако вашиот брат не биде со вас!‘“
6 Но Израел рече: „Зошто ми направивте такво зло и му рековте на човекот дека имате уште еден брат?“
7 А тие одговорија: „Човекот се распрашуваше за нас и за родот наш, велејќи: ‚Дали е уште жив таткото ваш? Имате ли друг брат?‘ И ние му одговоривме како што нѐ прашуваше. Можевме ли да знаеме дека ќе рече: ‚Доведете го братот ваш!?‘“
8 А Јуда му рече на Израел, таткото свој: „Пушти го малиот со мене, па ќе се кренеме и ќе отидеме за да останеме живи, и да не изумреме ни ние, ниту ти, ни нашите деца.
9 Јас ќе одговарам за него, од моја рака ќе го бараш. Ако не ти го доведам и не го претставам пред тебе, ќе бидам виновен пред тебе до крајот на мојот живот.
10 Да не се бавевме толку, досега можеби двапати ќе се вратевме!“
11 Тогаш Израел, таткото нивни, рече: „Ако е така, еве што ќе направите — земете плодови од оваа земја, па однесете му ги како подарок на оној човек; малку балсам, малку мед, миризлива смола, темјан, кикиритки и бадеми.
12 А пари, со себе земете двојно повеќе, бидејќи ќе треба да ги вратите парите, што ги најдовте под грлата на вашите вреќи; можеби е грешка.
13 Земете го и братот ваш, па станете и одете пак кај оној човек.
14 А семоќниот Бог Ел-Шадај да ви помогне да најдете милост кај оној човек, па да ви го пушти и другиот ваш брат, и Венијамин. А јас, пак, ако треба веќе да останам без деца, нека останам.“
15 Тогаш тие ги зедоа подароците и двојно повеќе сребреници, го зедоа и Венијамин, па станаа и отидоа во Египет и излегоа пред Јосиф.
16 А Јосиф кога го виде со нив и Венијамин, му рече на човекот што управуваше со неговата куќа: „Одведи ги овие луѓе дома, па заколи нешто од добитокот и зготви го, зашто тие на пладне со мене ќе ручаат.“
17 И направи човекот така како што му рече Јосиф, и ги одведе луѓето во домот Јосифов.
18 А тие луѓе се уплашија, кога човекот ги водеше во домот Јосифов, и рекоа: „Заради среброто, што се најде порано во вреќите наши, нѐ водат, додека не смислат нешто, па да нѐ обвинат, за да нѐ заробат нас и нашите магариња!“
19 И му пристапија на човекот, што управуваше со домот Јосифов, и му проговорија пред вратата на куќата
20 и рекоа: „Чуј нѐ, господаре! Ние и порано бевме овде, за да купиме храна.
21 Но кога бевме на ноќевање, ги отворивме вреќите, а тоа — среброто на секого од нас беше одозгора во вреќите наши; и еве во иста количина го враќаме со свои раце,
22 а и друго сребро донесовме, да купиме храна; ние не знаеме кој ни го стави среброто наше во вреќите.“
23 А тој одговори: „Бидете спокојни, не плашете се, вашиот Бог и Бог на таткото ваш го ставил тоа благо во вреќите ваши; среброто ваше стигна кај мене.“ И им го изведе Симеон.
24 И ги воведе човекот во домот Јосифов и им донесе вода, за да ги измијат нозете; а им даде и храна за нивните магариња.
25 И ги приготвија подароците, чекајќи дури да дојде Јосиф на пладне, зашто чуја дека тука ќе ручаат.
26 А кога дојде Јосиф дома, му ги дадоа подароците, што ги имаа в рацете свои, и му се поклонија доземи.
27 Потоа тој ги праша за здравјето и рече: „Добар ли е вашиот стар татко, за кого ми зборувавте? Жив ли е уште?“
28 А тие одговорија: „Жив е слугата твој, нашиот татко, и здрав е.“ Па се наведнаа и му се поклонија.
29 А кога ги подигна очите свои, го виде братот свој, Венијамин, и рече: „Овој ли е најмалиот брат ваш, за кого ми зборувавте?“ И додаде: „Бог нека ти биде благонаклонет, синко!“
30 Тогаш Јосиф побрза надвор, зашто срцето му се беше возбудило поради братот негов. Му дојде да заплаче, па влезе во внатрешната соба и таму плачеше.
31 Потоа се изми и излезе, и воздржувајќи се рече: „Принесете јадење!“
32 И му донесоа, нему посебно, ним одделно, и на Египќаните што ручаа кај него посебно, зашто Египќаните не можат да јадат со Евреите, бидејќи тоа би им било неугодно на Египќаните.
33 И седнаа тие пред него, постарите според возраста нивна, а помладите според младоста нивна, па се погледаа, чудејќи се.
34 И нареди дел од јадењата што беа пред него, да ги носат пред нив, а делот на Венијамин беше петпати поголем од делот на секого од нив. И пиеја и се нагостија со него.