Genesis 35
1 И му рече Бог на Јаков: „Стани, оди горе во Ветил и живеј таму; и направи таму жртвеник на Бога, Кој ти се јави, кога бегаше од лицето на Исав, братот твој.“
2 Тогаш Јаков им рече на своите домашни и на сите, кои беа со него: „Исфрлете ги туѓите богови, што се кај вас, па исчистете се и преоблечете се.
3 Да се кренеме и да отидеме во Ветил; таму ќе направам жртвеник на Бога, Кој ме чу во денот на неволјата моја, и беше со мене на патот, по кој одев.“
4 И му ги дадоа на Јаков сите туѓи богови, што беа во нивни раце, и обетките, што ги имаа на ушите; и ги закопа Јаков под дабот кај Сихем.
5 Потоа тргнаа. А страв Божји ги беше спопаднал околните градови, та не се кренаа во потера по синовите на Јаков.
6 И Јаков дојде во Луз, во земјата хананска, а тоа е Ветил, самиот тој и луѓето што беа со него,
7 и подигна таму жртвеник, и го нарече тоа место: Ел-Ветил, зашто таму му се беше јавил Бог, кога бегаше од лицето на својот брат.
8 Тогаш умре Девора, доилката на Ревека, и ја погребаа подолу од Ветил, под дабот, кого Јаков го нарече Плачниот даб.
9 И му се јави Бог на Јаков, откако се врати од рамнината Арам, и го благослови.
10 И Бог му рече: „Името ти е Јаков, но отсега нема да се именуваш Јаков; името ќе ти биде Израел.“ И го нарече Израел.
11 И уште му рече Бог: „Јас сум Ел-Шадај — Семоќниот Бог; плоди се и множи се; народ и многу народи ќе настанат од тебе и цареви ќе излезат од твоето колено.
12 И ти ја давам земјата, што му ја дадов на Авраам и на Исак, твоја да биде, а и на потомството твое ќе му ја дадам оваа земја.“
13 Потоа Бог се вознесе од местото, каде што му зборуваше.
14 А Јаков подигна споменик на истото место, каде што му зборуваше Бог; споменик од камен, па изврши преливање и го прелеа со масло.
15 И Јаков го нарече тоа место, каде што му зборуваше Бог, Ветил.
16 Заминаа од Ветил. А кога им преостана уште малку пат до Ефрат, Рахила роди, и породувањето ѝ беше тешко.
17 А кога таа се мачеше при раѓањето, бабицата ѝ рече: „Не плаши се, зашто и ова ќе ти биде син.“
18 А кога душата ја напушташе, бидејќи умираше, Рахила го нарече Бенони. Но таткото му даде име Венијамин.
19 И умре Рахила, и ја погребаа крај патот што води кон Ефрат, во Витлеем.
20 И подигна Јаков споменик над гробот нејзин. Тоа е споменикот на гробот Рахилин до денешен ден.
21 А кога замина оттаму, Израел го распна шаторот свој зад кулата Едер.
22 И кога Израел живееше во таа земја, отиде Рувим, та легна со Билха, наложницата на неговиот татко. И тоа го дочу Израел. А Јаков имаше дванаесет синови.
23 Синовите на Лија беа: Рувим, првенецот Јаковов, Симеон, Левиј, Јуда, Исахар и Завулон.
24 А синовите на Рахила беа: Јосиф и Венијамин.
25 Синови, пак, на Билха, слугинката на Рахила, беа Дан и Нефталим.
26 А синови на Зелфа, слугинката на Лија, се: Гад и Асир. Тоа се синови Јаковови, кои му се родија во рамнината Арам.
27 И дојде Јаков кај Исак, таткото свој, во Мамре, во Кирјат-Арба, односно во Хеврон, каде што Авраам и Исак беа доселеници.
28 А Исак имаше сто и осумдесет години.
29 И издивна Исак и умре, се прибра кај родот свој, стар и сит од животот. И го погребаа синовите негови Исав и Јаков.