Genesis 32
1 А рано наутро стана Лаван, и ги бакна внучињата и ќерките свои, и ги благослови; па тргна Лаван и се врати во своето место.
2 И Јаков тргна по својот пат и виде војска Божја спроти него; и го сретнаа ангели Божји.
3 А кога ги виде, Јаков рече: „Ова е Божја војска.“ И затоа местото го нарече Маханаим.
4 И прати Јаков пред себе гласници кај Исав, братот свој, во земјата Сеир, во областа Едом.
5 Па им заповеда и рече: „Вака речете му на господарот мој Исав: ‚Еве што вели слугата твој Јаков: бев кај Лаван и досега се задржав таму;
6 а имам волови, магариња и ситен добиток, слуги и слугинки; затоа испратив да го известат господарот мој, за да придобијам милост пред тебе.‘“
7 И се вратија гласниците кај Јаков и му рекоа: „Отидовме кај братот твој Исав, и ете тој ти доаѓа во пресрет со четиристотини души.“
8 А Јаков се уплаши многу и се загрижи; па ги раздели во две групи своите луѓе што беа со него, и ситниот, и крупниот добиток, и камилите.
9 И рече: „Ако Исав удри на едната група и ја разбие, можеби втората ќе се спаси.“
10 И пак рече Јаков: „Боже на таткото мој Авраам, Боже на таткото мој Исак, Господи, Ти, Кој ми рече — ‚Врати се во земјата каде што си роден, и Јас ќе ти бидам добротвор!‘ —
11 Не сум достоен за сите милости и добрини што му ги направи на слугата Твој; зашто само со стап го минав овој Јордан, а сега сум господар на два табора.
12 Спаси ме од рацете на братот мој, од рацете Исавови, зашто се плашам од него да не би, кога ќе дојде, да ме убие мене, и мајките и децата.
13 А Ти рече: ‚Навистина Јас ќе ти бидам добротвор, и ќе направам потомството твое да биде како песокот морски, кое од множество не ќе може да се изброи.‘“
14 И преноќева таму таа ноќ, и зеде од сѐ што имаше при рака, па му испрати дарови на својот брат Исав:
15 двесте кози со дваесет јарци, двесте овци со дваесет овни,
16 триесет камили молзници со нивните камилчиња, четириесет крави и десет волови, дваесет магарици и десет магариња.
17 И им ги предаде на слугите свои, секое стадо посебно. Па им рече на слугите свои: „Врвете пред мене и оставајте доволно растојание меѓу едното стадо и другото!“
18 И му заповеда на првиот, велејќи: „Кога ќе те сретне Исав, братот мој, и те праша, велејќи — Чиј си? — и — Каде одиш? — и — Чие е тоа што го тераш пред тебе?
19 А ти кажи — На слугата твој Јаков, а ова му го испраќа како дар на господарот свој Исав, и ете, и самиот доаѓа по нас.“
20 Истото им заповеда и на вториот и на третиот, и на сите што одеа по стадата, велејќи: „Така кажете му на Исав, кога ќе го сретнете.“
21 И уште речете: „Ете, Јаков слугата твој, доаѓа по нас.“ Зашто си велеше: „Ќе го смирам со даровите што одат пред мене, па ќе му го видам тогаш лицето; можеби, и ќе ме прими.“
22 Така даровите тргнаа пред него, а тој преноќева таа ноќ кај таборот свој.
23 И ноќта стана, па откако ги зеде обете жени свои и обете слугинки и единаесетте синови свои, го премина потокот Јавок на едно плитко место.
24 А откако нив ги зеде и ги преведе преку потокот, пренесе и сѐ друго што имаше.
25 А кога остана Јаков сам, тогаш Некој се бореше со него до зори.
26 И кога виде дека не може да го совлада, му го стегна зглобот на бедрото негово, така што на Јаков му се измести колкот од зглобот додека се бореше со Него.
27 Па тогаш рече: „Пушти Ме веќе, зора е!“ Но Јаков одговори: „Нема да Те пуштам, додека не ме благословиш!“
28 И му рече: „Како се викаш?“ А тој одговори: „Јаков.“
29 Тогаш му рече: „Отсега името нема да ти биде Јаков, туку Израел; зашто се бореше со Бога, и со луѓето и ги победи.“
30 А Јаков праша и рече: „Кажи ми го името Твое!“ А Тој одговори: „Зошто прашуваш за името Мое?“ И го благослови таму.
31 И Јаков го нарече она место со името Пениел, зашто рече: „Бога Го видов лице в лице, и останав жив.“
32 А сонцето беше изгреало кога го помина Пениел, и накривнуваше поради повредениот колк.
33 Затоа синовите на Израел не ја јадат жилата кај зглобот од бедрото сѐ до денешен ден, бидејќи Јаков беше повреден во зглобната жила од бедрото.