1А овие се имињата на синовите Израелови, кои дојдоа во Египет со Јаков; секој со своето семејство дојде.
2Рувим, Симеон, Левиј и Јуда,
3Исахар, Завулон и Венијамин,
4Дан и Нефталим, Гад и Асир.
5И сите, кои произлегоа од Јаков, беа седумдесет души, а Јосиф, пак, беше во Египет.
6Потоа умре Јосиф и сите браќа негови, и сиот нивни род;
7а синовите израелски се народија и се намножија, станаа многу, и се засилија многу, така што земјата се наполни со нив.
8Тогаш во Египет се зацари нов цар, кој не знаеше за Јосиф,
9и му рече на својот народ: „Еве, народот на синовите израелски е многуброен и посилен од нас.
10Па ајде да ги надмудриме за да не се размножуваат; и, ако настане војна, да не се здружат со непријателите наши и да удрат на нас, па да си отидат од нашата земја.“
11И поставија над нив надзорници над работите за да ги мачат со тешка работа. И тие му ги изградија на фараонот Питом и Рамзес, градови — складишта.
12Но, колку повеќе ги мачеа, толку повеќе се множеа и се засилуваа така што Египќаните започнаа да се плашат од синовите на Израел.
13Затоа Египќаните ги угнетуваа синовите на Израел со жестокост,
14и им го загорчуваа животот со тешки работи со кал и со правење тули, и со разни полски работи, и со секаква друга работа, ги измачуваа немилосрдно.
15Освен тоа, царот египетски им заповеда на еврејските бабици, од кои на едната ѝ беше името Шифра, а на другата Пуа;
16и им рече: „Кога ќе бабувате кај Еврејките, и при породувањето, ако видите дека е машко, убијте го, а ако биде женско, нека живее!“
17Но бабиците се плашеа од Бога и не правеа така, како што им заповеда египетскиот цар, туку ги оставаа машките деца живи.
18А египетскиот цар ги повика бабиците и им рече: „Зошто правите така и ги оставате машките деца во живот?“
19А бабиците му одговорија на фараонот: „Еврејките не се како египетските жени: зашто тие се јаки и пред да дојде бабицата, веќе родиле.“
20Бог беше добар кон бабиците и народот се множеше и многу се засилуваше.
21И бидејќи бабиците се плашеа од Бога, Бог ги умножи нивните семејства.
22Тогаш фараонот му заповеда на целиот свој народ, велејќи: „Секое машко кое ќе се роди кај Евреите, фрлајте го в река: само женските деца оставајте ги во живот.“