1Агрипа му рече на Павле: „Допуштено ти е да зборуваш во своја полза.“ Тогаш Павле ја подаде раката и почна да зборува во своја одбрана:
2„Радосен сум, царе Агрипа, што денес пред тебе ќе можам да се бранам за сѐ што ме обвинуваат Јудејците,
3дотолку повеќе, што ти ги познаваш јудејските обичаи и препирки; па затоа, те молам, да ме ислушаш милостиво.
4Мојот живот од раната младост, што го поминав најнапред меѓу својот народ во Ерусалим, познат им е на сите Јудејци;
5тие одамна ме знаат, — ако сакаат нека сведочат, — дека јас, како фарисеј, најстрого живеев по учењето на нашата вера;
6а сега стојам пред суд поради надежта во ветувањето дадено од Бога на татковците наши,
7кое нашите дванаесет колена се надеваат дека ќе го постигнат, служејќи Му на Бога постојано дење и ноќе. За таа надеж, царе Агрипа, ме обвинуваат Јудејците.
8Што? Зарем вие мислите дека не може да се верува дека Бог воскреснува мртви?
9Навистина, така и јас мислев дека треба да извршам многу работи против името на Исус од Назарет;
10така и направив во Ерусалим и, откако добив власт од првосвештениците, многу светии затворив, а кога ги убиваа, и јас одобрував,
11и често ги мачев по сите синагоги и ги принудував да хулат на Исус и, разјарен, без мерка ги гонев нив дури и до туѓите градови.
12За таа цел одејќи во Дамаск, со власт и порака од првосвештениците,
13среде бел ден, царе, на патот видов светлина, посилна од сончевата светлина, која ме огреа од небото мене и оние, што одеа со мене.
14Сите паднавме на земја, и јас чув глас, што ми зборуваше на еврејски јазик: ‚Савле, Савле, зошто Ме гониш? Тешко е за тебе да се риташ против бодило.‘
15А јас реков: ‚Кој си ти, Господи?‘ Тој одговори: ‚Јас сум Исус, Кого Го гониш ти.
16Но стани и исправи се на нозете свои; затоа и ти се јавив, да те направам служител и сведок на ова што го виде и што ќе ти откријам,
17издвојувајќи те од овој народ и од незнабошците, кај кои ќе те испратам сега,
18за да им ги отвориш очите нивни, та да се обратат од темнината во светлина и од власта на сатаната кон Бога, па преку верата во Мене да примат простување на гревовите и наследство меѓу осветените.‘
19Затоа, царе Агрипа, јас не се противев на небесното видение,
20но најнапред на жителите во Дамаск и Ерусалим, а потоа по целата Јудејска земја и на незнабошците им проповедав да се покаат и да се обратат кон Бога, правејќи дела достојни за покајание.
21Затоа ме фатија Јудејците во храмот и се обидоа да ме убијат.
22Но, откако добив помош од Бога, стојам до ден денес и им сведочам на мали и на големи, зборувајќи само за она што беа го зборувале Пророците и Мојсеј дека треба да се случи:
23дека Христос мора да пострада и, откако прв ќе воскресне од мртвите, на народот и на незнабошците ќе им проповеда светлина.“
24А додека го зборуваше ова во одбрана, Фест извика со висок глас: „Си полудел ли, Павле! Многубројните книги те довеле до лудило!“
25А тој одговори: „Не сум луд, почитуван Фесте, туку кажувам зборови на вистината и со здрав разум.
26Тоа го знае и царот, пред кого и слободно зборувам; јас не верувам дека од сето ова нешто му е непознато, зашто тоа не е вршено во некој агол.“
27„Веруваш ли, царе Агрипа, во Пророците? Знам дека веруваш.“
28Агрипа му одговори на Павле: „Уште малку, па ќе ме убедиш да станам христијанин!“
29А Павле рече: „Би Му се молел на Бога и за малку и за многу не само ти, но и сите, што ме слушате денес, да станете такви, каков што сум и јас, но без овие окови.“
30Кога го кажа тоа, царот и намесникот Верникиј и оние, што седеа со нив, станаа
31и, откако се повлекоа на страна, зборуваа меѓу себе и велеа дека тој човек не прави ништо што заслужува смрт или окови.
32И Агрипа му рече на Фест: „Овој човек можеше да биде ослободен, ако не беше посакал суд пред царот.“ Затоа намесникот реши да го испрати пред царот.