1Минувајќи преку Амфипол и Аполонија, дојдоа во Солун, каде што имаше јудејска синагога.
2Павле, по својот обичај, влезе кај Јудејците и три саботи по ред им зборуваше од Писмото.
3Тој им објаснуваше и докажуваше дека Христос требаше да пострада и да воскресне од мртвите и дека овој Исус, Кого тој им Го проповеда, е Христос.
4И некои од нив поверуваа и се присоединија кон Павле и Сила, — големо мнозинство богобојазливи Елини, а исто така и не малку угледни жени.
5Но некои од Јудејците што не поверуваа, поттикнати од завист, зедоа некои лоши луѓе од пазарите, се насобраа по групи и го разбунтуваа градот. Потоа ја нападнаа Јасоновата куќа и почнаа да ги бараат за да ги изведат пред народот.
6А бидејќи не ги најдоа, го изведоа Јасон и некои браќа пред градските началници и викаа дека оние што го побуниле целиот свет сега дошле и тука, дека нив
7ги прибрал Јасон, а сите тие постапуваат против заповедите на царот, изјавувајќи дека има друг цар — Исус.
8Така го вознемирија народот и градските началници, кои го слушаа тоа.
9Но тие, откако добија залог од Јасон и од другите, ги пуштија.
10А браќата веднаш преку ноќта ги упатија Павле и Сила кон Верија. Тие кога пристигнаа, отидоа во јудејската синагога.
11Овие беа поблагородни од солунјаните; тие го примија словото со голема усрдност и секој ден го проверуваа Писмото, за да се уверат, дали е тоа така.
12И мнозина од нив поверуваа — од Елините не мал број угледни мажи и жени.
13Но солунските Јудејци, штом дознаа дека Павле и таму го проповеда словото Божјо, дојдоа и таму за да го потресат и вознемират народот.
14Тогаш браќата го испратија Павле да оди кон морето, а Сила и Тимотеј останаа таму.
15Оние, што го придружуваа Павле, го доведоа до Атина и се вратија со заповед од него до Сила и Тимотеј, да дојдат и тие поскоро кај него.
16И додека ги чекаше нив во Атина, духот на Павле се вознемируваше, гледајќи го градот, полн со идоли.
17И тој расправаше во синагогата со Јудејците и побожните, и секој ден на плоштадот со оние што ќе ги сретнеше.
18А некои епикурејски и стоички филозофи почнаа да се препираат со него; едни велеа: „Што сака да каже овој празнословец?“, а други: „Се чини дека тој проповеда туѓи божества“, зашто им благовестеше за Исус и за воскресението.
19И зедоа, та го одведоа на Ареопагот, велејќи: „Ќе можеме ли да знаеме какво е тоа учење што го проповедаш?
20Бидејќи нешто непознато внесуваш во ушите наши. Затоа сакаме да знаеме што е тоа.“
21А, пак, сите атињани, како и туѓинците, кои живееја кај нив, во ништо друго не сакаа да го поминуваат времето освен во тоа да зборуваат или да слушаат за нешто ново.
22Тогаш Павле застана сред Ареопагот и рече: „Луѓе атињани, по сѐ гледам дека сте побожни.
23Зашто, кога минував и ги разгледував светилиштата ваши, најдов и жртвеник, на кој беше напишано: ‚На непознатиот Бог.‘ За Него, пак, Кого вие не Го знаете, а Кого Го почитувате, за Него јас ви проповедам.
24Бог, Кој го создаде светов и сѐ, што е во него; Тој, Кој е Господ на небото и на земјата, не живее во ракотворени храмови,
25ниту, пак, прима служба од човечки раце како да има потреба од нешто, но Сам на сите им дава живот, здив и сѐ.
26Од една крв го создаде сиот род човечки за да живее по целото лице на земјата, откако утврди предопределени времиња и граници на нивните живеалишта,
27за да Го бараат Господа, та да би можеле некако да Го насетат и најдат, иако Тој не е далеку од секого меѓу нас:
28зашто ние преку Него живееме, се движиме и постоиме, како што рекле и некои од вашите стихотворци: ‚Негов род сме.‘
29И така, бидејќи род Божји сме, не треба да мислиме дека Божеството прилега на злато, или сребро, или камена творба што излегла од човечки ум и измислица.
30Бог, пак, не осврнувајќи се на времињата на незнаење, сега редум им заповеда на сите луѓе да се покаат,
31зашто определи ден кога праведно ќе му суди на светот преку одредениот од Него Човек, откако ги увери сите со Неговото воскресение од мртвите.“
32Кога чуја за воскресението од мртвите, едни се насмеаја, а други рекоа: „Другпат сакаме да послушаме за тоа.“
33И тогаш Павле си отиде од нив.
34А некои луѓе се присоединија кон него и поверуваа. Меѓу нив беше Дионисиј Ареопагит и една жена, по име Дамара, и други со нив.