1Потоа Давид ги нападна Филистејците и ги покори; и ја одзеде Давид превласта во регионот од рацете на Филистејците.
2Ги порази и Моавците и ги измери со јажиња, откако ги легна на земја: измери две јажиња за убивање, едно јаже за оставање живи. И Моавците му станаа робје на Давид и му плаќаа данок.
3Давид го порази Адраазар, син на Рехов, цар на Цова, кога тој одеше да ја прошири власта своја кај реката Еуфрат;
4и зеде Давид од него илјада и седумстотини коњаници и дваесет илјади пешаци; и им ги пресече Давид жилите на сите колски коњи, оставајќи од нив само за сто коли.
5Дојдоа Арамејци од Дамаск да му помогнат на цовашкиот цар Адраазар; но Давид уби дваесет и две илјади Арамејци.
6Тогаш Давид постави стражи во Арам кај Дамаск, и Арамејците му станаа на Давид робови и му плаќаа данок. А Господ го чуваше Давид насекаде, каде ќе отидеше тој.
7Потоа Давид ги зеде златните гривни што ги носеа слугите на Адраазар, и ги донесе во Ерусалим.
8А од Бетах и Беротаи, Адраазаровите градови, цар Давид зеде многу бакар.
9Кога Тои, царот на Хамат, чу дека Давид ја поразил целата војска на Адраазар,
10Тои го испрати синот свој Јорам кај царот Давид да го поздрави и да му благодари, поради тоа што војувал против Адраазар и го поразил; бидејќи Адраазар војуваше со Тои. А во рацете Јорам имаше сребрени, златни и бакарни садови.
11Цар Давид ги посвети и нив на Господ, заедно со среброто и златото, запленето од сите народи, кои ги беше покорил:
12од Арам, Моав, синовите Анонови, Филистејците и Амаликијците, и од пленот на Адраазар, синот на цовашкиот цар Рехов.
13И Давид се прослави, враќајќи се по поразот на осумнаесет илјади Арамејци во Солената Долина.
14Тој постави стражи во Едом; постави стражи по цел Едом; и сите Едомци му станаа на Давид робови. И Господ го чуваше Давид, каде и да отидеше тој.
15Така царуваше Давид над сите Израелци, судеше и делеше правда на сиот свој народ.
16А Јоав, синот на Саруја, беше над војската; а Јосафат, синот Ахилудов, беше летописец;
17Садок, синот Ахитувов и Ахимелех, синот Авијатаров, беа свештеници; Сераја беше писар;
18а Бенајаху, синот Јодаев, беше заповедник над Керетијците и Пелетијците, а Давидовите синови беа свештеници.