1По Сауловата смрт, кога Давид се врати по разбивањето на Амаликијците и престојуваше во Циклаг два дена,
2ете, на третиот ден доаѓа човек од Сауловиот логор; облеката му е испокината и на главата има прав. Штом дојде кај Давид, падна на земја и му се поклони.
3И Давид го праша: „Од каде доаѓаш?“ Тој одговори: „Избегав од израелскиот логор.“
4Давид го праша: „Што стана? Раскажи ми.“ А тој одговори: „Народот се разбега од битката, и многу народ падна и изумре; умреа и Саул и синот негов Јонатан.“
5Давид го праша момчето што му раскажуваше: „Од каде знаеш дека Саул и синот негов Јонатан умреле?“
6А момчето што му раскажуваше, рече: „Јас случајно отидов на планината Гелвуја, и ете, Саул падна врз копјето свое, а колите и коњаниците го стигнаа.
7Тогаш тој се сврте назад и, откако ме виде, ми викна.
8И јас реков: ‚Еве ме.‘ Тој ме праша: ‚Кој си ти?‘ Јас му одговорив: ‚Јас сум Амаликиец.‘
9Тогаш тој ми рече: ‚Дојди кај мене и убиј ме, зашто смртна тага ме опфатила, но душата моја сѐ уште е во мене.‘
10И јас се приближив до него и го убив, бидејќи знаев дека тој нема да остане жив по паѓањето свое; и го зедов царскиот венец што беше на главата негова, и гривната што беше на раката негова, и ги донесов тука на господарот свој.“
11Тогаш Давид се фати за облеката своја и ја раскина, исто така и сите луѓе што беа со него,
12и липаа, и плачеа и постеа до вечерта за Саул и за синот негов Јонатан, и за народот Господов и за домот Израелов, поради тоа што беа загинале од меч.
13Давид, пак, го запраша момчето што му раскажуваше: „Ти од каде си?“ А тој му одговори: „Јас сум син на еден придојден Амаликиец.“
14Тогаш Давид му рече: „Како не се исплаши да кренеш рака за да убиеш помазаник Господов?“
15И Давид повика еден од момците и му рече: „Дојди и убиј го!“ И оној го уби, и тој умре.
16И Давид му рече: „Твојата крв нека биде врз главата твоја, бидејќи твојата уста сведочеше против тебе, кога велеше: ‚Го убив помазаникот Господов.‘“
17Потоа Давид го оплака Саул и синот негов Јонатан со оваа оплакувачка песна,
18заповедајќи им на синовите Јудини да ја научат, како што таа е запишана во Книгата на Праведникот, и рече:
19„Твојата слава, о Израеле, падна врз твоите височини! Како паднаа израелските јунаци!
20Не раскажувајте во Гет, не разгласувајте по улиците на Ашкелон, да не се радуваат ќерките филистејски, да не ликуваат ќерките на необрезаните.
21Гори Гелвујски, да не падне на вас ни роса, ни дожд! И вашите ниви да бидат без плод, зашто таму е фрлен штитот на Саул, како да не беше тој помазан со масло.
22Без крв од ранети, без мрс од силни, лакот Јонатанов не се враќаше назад, ниту мечот Саулов се враќаше празен.
23Саул и Јонатан, сакани и сложни во животот свој, не се разделија ни во смртта своја; тие беа побрзи од орлите, посилни од лавовите.
24Ќерки Израелови, плачете за Саул, кој ве облекуваше во пурпурна облека со украси и ги китеше со златни накити облеките ваши!
25О, како паднаа силните во борбата! Загина Јонатан на твоите височини.
26Жалам за тебе, брате Јонатане; ти ми беше многу мил; твојата љубов за мене беше поголема од женската љубов.
27Како паднаа силните, како загина бојното оружје!“