2 Kings 52006

1Нааман, војсководецот на арамејскиот цар, беше голем човек пред господарот свој и почитуван, зашто преку него Господ им беше дал победа над Арамејците; и тој човек кој беше одличен војник, беше лепрозен.

2Еднаш Арамејците излегоа во чети и запленија од израелската земја едно мало девојче, и тоа ѝ служеше на Наа­мановата жена.

3Таа ѝ рече на господарката своја: „О, да отидеше мојот господар кај пророкот, кој е во Самарија, тој ќе ја симнеше од него лепрата.“

4Тогаш Нааман отиде и му го кажа тоа на господарот свој, велејќи: „Така и така вели девојчето што е од израелската земја.“

5И арамејскиот цар му рече на Нааман: „Стани, оди, јас пак, ќе ис­пратам писмо до израелскиот цар.“ Тој отиде, земајќи со себе десет кикари сребро, шест илјади шекели злато и десет промени облека;

6и му го однесе на израелскиот цар писмото, во кое се велеше: „Заедно со ова писмо, ете, го испраќам кај тебе Нааман, мојот слуга, да ја симнеш од него лепрата негова.“

7Израелскиот цар, откако го прочита писмото, ја раскина облеката своја и рече: „Зар сум јас Бог да умртвувам и да оживувам, та испраќа кај мене да ја симнам од овој човек лепрата негова? Ете, знаете сега и гледајте дека тој бара повод за непријателство против мене.“

8Кога Божјиот човек Елисеј слушна дека израелскиот цар ја раскинал облеката своја, испрати да му речат на царот: „Зошто ја раскина облеката сво­ја? Нека дојде кај мене и нека познае дека има пророк во Израел.“

9И дојде Нааман со коњите свои и со колите свои и застана пред влезот на Елисеевиот дом.

10Тогаш Елисеј го испрати кај него слугата свој да му каже: „Оди, искапи се седумпати во Јордан, и телото твое ќе се обнови, и ќе бидеш чист.“

11Се разгневи Нааман и си тргна, велејќи: „Ете, јас мислев дека тој ќе излезе, ќе застане и ќе го повика името на Господ, својот Бог, ќе ја стави раката своја на местото и ќе ја симне лепрата;

12зарем дамаските реки Авана и Парпар не се подобри од сите израел­ски води? Не можев ли да се искапам во нив и да се исчистам?“ Па се сврте и си отиде налутен.

13Му се доближија слугите негови и му рекоа, велејќи: „Татко, да ти кажеше пророкот да направиш нешто потешко, немаше ли да го направиш. А камо ли сега, кога ти рече само: искапи се, и ќе бидеш чист!“

14Тој отиде и се потопи во Јордан седумпати, според зборовите на Божји­от човек, и телото му се обнови како тело на мало дете и се исчисти.

15Тогаш се врати кај Божјиот човек, тој и сите придружници него­ви, дојде, застана пред него и рече: „Еве, познав дека по целата земја нема Бог, освен во Израел; прими, пак сега дар од твојот слуга.“

16Елисеј одговори: „Се колнам во живиот Господ, пред чие лице стојам! Нема да го примам.“ Оној го принудуваше да земе, но тој не се согласи.

17И рече Нааман: „Штом е така, нека му дадат на твојот слуга земја, колку што можат да носат две маски, зашто во иднина слугата твој нема да принесува сепаленици и жртви на други богови, освен на Господ;

18само, еве што да му прости Гос­под на слугата твој: кога мојот господар оди во храмот на Римон за да се поклони таму и се потпре врз раката моја, и јас се поклонам во домот на Римон, тогаш Господ да му прости на слугата твој за поклонувањето мое во домот на Римон.“

19А тој му рече: „Оди си со мир!“ И тој отиде од него и прилично се од­далечи.

20Тогаш Гиезиј, слугата на Божјиот човек Елисеј рече: „Ете, мојот господар не сакаше да го земе од раката на тој Арамеец Нааман, она што го беше донел. Се колнам во Господ! Ќе потр­чам по него и ќе земам нешто од него.“

21И потрча Гиезиј по Нааман. Наа­ман виде дека некој трча по него, слезе од колата да го пресретне и рече: „Дали си со мир?“

22Тој одговори: „Со мир сум; мојот господар ме испрати да кажам: ете, сега дојдоа кај мене од Ефремовата Гора две момчиња од пророчките синови; дај ми еден кикар сребро и две промени облека.“

23И Нааман рече: „Земи, ако сакаш, два кикара.“ И многу го молеше. Тогаш тој заврза два кикара сребро во две торби и две промени облека и им ги даде на двајцата слуги свои, та ги понесоа пред него.

24Кога тој дојде до брегот, ги зеде од рацете нивни и ги сокри во домот свој. И ги отпушти луѓето, и тие си отидоа.

25Кога дојде и се јави пред господарот свој, Елисеј го праша: „Од каде доаѓаш, Гиезиј?“ Тој одговори: „Никаде не одел слугата твој.“

26Тој му рече: „Зарем срцето мое не те придружуваше, кога оној човек се врати од колата своја да те пресретне? Време ли е да се земе сребро и да се зе­ма облека, или маслинови дрвја и лозја, ситен или крупен добиток, слуги или слугинки?

27Затоа, Наамановата лепра нека се залепи на тебе и на потомството твое засекогаш.“ И тој излезе од него бел како снег од лепрата.

© Библиско Здружение на Р. Македонија 2006 © Bible Society of the Republic of Macedonia 2006

Choose Translation

Switch translation for 2 Kings 5.

Reading Settings

Paragraph viewDisplay verses as flowing paragraphs instead of individual lines
Show verse numbersDisplay verse numbers inline
Red letterHighlight the words of Christ in red

Sign in to save your reading preferences across sessions.