1Потоа Моавците и Амонците, а со нив и некои од земјата маонска, појдоа во војна против Јосафат.
2Дојдоа и му јавија на Јосафат, велејќи: „Против тебе доаѓа големо множество народ од преку море, од Едом, и веќе се во Хацецон-Тамара, односно во Ен-Геди.“
3Јосафат се уплаши и го сврте лицето свое и Го побара Господа и објави пост во цела Јудеја.
4Се собраа Јудејци да молат за помош од Господ; дојдоа да Го молат Господа од сите Јудини градови.
5И застана Јосафат во собранието на Јудејците и на ерусалимците во Домот Господов, пред новиот трем,
6и рече: „Господи, Боже на предците наши! Не си ли Ти Бог на небото? Ти владееш над сите царства на народите; и во Твојата рака е силата и цврстината, и никој не може да застане против Тебе!
7Нели Ти, Боже наш, ги истера жителите на оваа земја, пред лицето на Твојот народ Израел и му ја даде засекогаш на потомството на Авраам, Твојот пријател?
8Тие се населија во неа и Ти изградија во неа светилиште за Твоето име, велејќи:
9‚ако дојде врз нас неволја: меч погубен, или помор, или глад, ќе застанеме пред овој дом и пред Твоето лице, зашто името Твое е во тој дом; и во маките свои ќе повикаме кон Тебе, и ти ќе нѐ чуеш и ќе нѐ избавиш.‘
10А гледај, Амонците и Моавците и жителите на гората Сеир, чии земји не дозволи да ги нападнат Израелците, кога доаѓаа од египетската земја, па затоа тие ги одминаа и не ги сотреа,
11тие пак сега ни возвраќаат со лошо, доаѓајќи да нѐ истераат од Твојот посед, што си ни го дал да го наследиме.
12Боже наш! Суди им Ти. Зашто ние немаме сила против тоа големо множество, што нѐ нападнало, и не знаеме што да правиме; но очите ни се кон Тебе.“
13Сите Јудејци стоеја пред лицето Господово, и нивните мали деца, жените нивни и синовите нивни.
14Тогаш Духот Господов слезе среде собранието врз Јахазиел, синот на Захарија, син Бенаев, син Јеиелов, син Матаниев, левит од Асафовите синови.
15И рече: „Чујте сите Јудејци и жители ерусалимски, и ти, царе Јосафате! Вака ви вели Господ ваш: Не плашете се и не стравувајте од тоа големо множество, зашто војната не е ваша, туку Божја.
16Излезете утре против нив: ете, тие ќе се искачуваат по ридот Циц, вие ќе ги најдете на крајот на долината, спрема пустината Јеруел.
17Овој пат нема вие да се борите: застанете, стојте и гледајте го спасението од Господ, што ви се испраќа. Јудо и Ерусалиме, не плашете се и не стравувајте! Излезете утре против нив, и Господ ќе биде со вас!“
18Јосафат се поклони со лицето до земја, и сите Јудејци и жители ерусалимски паднаа пред Господ, за да Му се поклонат.
19А левитите од синовите Каатови и од синовите Корееви почнаа да Го слават Господ, Бог Израелов, со многу висок глас.
20Утредента станаа рано и тргнаа кон Текојската пустина, и кога тргнаа, застана Јосафат и рече: „Чујте ме, Јудејци и жители ерусалимски! Верувајте Му на Господ, вашиот Бог, и бидете цврсти; верувајте им на пророците Негови и ќе имате успех.“
21Потоа се посоветува со народот и постави пејачи пред Господ, кои со свечени облеки, одејќи пред војската, ќе ја слават светоста Негова и ќе велат: „Фалете Го Господа, зашто милоста Негова е засекогаш!“
22И кога почнаа да воскликнуваат и да Му пеат славопои, Господ предизвика несогласност меѓу Амонците, Моавците и жителите на гората Сеир, што ја беа нападнале Јудеја, и тие беа разбиени:
23зашто Амонците и Моавците се кренаа против жителите на гората Сеир, и ги биеја и ги истребуваа, а кога завршија со жителите на Сеир, почнаа да се истребуваат едни со други.
24И кога Јудејците дојдоа на ридот кај пустината и го видоа она множество, а таму — трупови, испружени по земјата, и никој не се беше спасил.
25Дојде Јосафат и народот негов да собираат плен и најдоа кај нив прилично многу и богатство, и облека и скапоцени работи, и собраа толку што не можеа да носат. Три дни собираа плен — толку многу голем беше тој!
26А на четвртиот ден се собраа во Долината на благословот, бидејќи таму Го благословија Господа. Затоа тоа место се вика Емек Бераха — Долина на благословот и до денес.
27Тогаш сите Јудејци и ерусалимците, на чело со Јосафат, тргнаа да се вратат во Ерусалим радосно, зашто Господ им даде победа над непријателите нивни.
28И дојдоа во Ерусалим со харфи, лири и труби пред домот Господов.
29И страв Божји навлезе кај сите царства земни, кога слушнаа дека Сам Господ војувал против непријателите на Израел.
30И царството Јосафатово се успокои; Господ му даде мир од сите страни.
31Така царуваше Јосафат над Јудеја. Кога стана цар, беше на триесет и пет години, и царуваше во Ерусалим дваесет и пет години. Мајка му се викаше Азува, ќерка на Шилхи.
32Тој одеше по патот на својот татко Аса и не се отстрани од него, вршејќи го она што е угодно пред очите на Господ.
33Само идолските светилишта уште не беа разрушени, народот сѐ уште не го беше свртел срцето свое кон Бога на своите предци.
34Другите дела Јосафатови, први и последни, опишани се во записите на Јуј, синот Ананиев, кои се внесени во книгата на израелските цареви.
35Но потоа Јосафат, царот јудејски, се здружи со Охозија, цар израелски, кој постапуваше беззаконо;
36се поврза со него, за да градат кораби, што ќе ги испраќаат во Тарсис; а изградија и кораби во Ецјон-Гевер.
37Тогаш Елиезер, синот на Додавах од Мареша, пророкува за Јосафат и рече: „Бидејќи си се здружил со Охозија, Господ ќе го разруши твоето дело.“ И корабите се разбија и не можеа да отпловат за Тарсис.