Bible

Transform

Your Worship Experience with Great Ease

Try RisenMedia.io Today!

Click Here

2 Samuel 3

:
Macedonian - 2006
1 Борбата меѓу Сауловиот дом и Давидовиот дом траеше долго. Да­вид сѐ повеќе се засилуваше, а Сау­ловиот дом сѐ повеќе ослабнуваше.
2 На Давид му се родија синови во Хеврон. Првороден му беше Амнон од јизреелката Ахиноам,
3 а вториот син му беше Килав од кармелитката Авигеја, бивша Нава­лова жена; третиот Авесалом, син од Маа­ха, ќерката на Талмај, Гесур­скиот цар;
4 четвртиот Адонија, син од Хагита; петтиот Сафатија, син од Авитала;
5 шестиот Јитреам, од Егла, Дави­довата жена. Тие му се родија на Давид во Хеврон.
6 И додека траеше борбата меѓу Сауловиот дом и Давидовиот дом, Аве­нир го поддржуваше Сауловиот дом.
7 Саул имаше наложница, по име Рицпа, ќерка на Аја. И му кажа Иш­бошет на Авенир: „Зошто влезе кај наложницата на татко ми?“
8 Авенир многу се налути од збо­ровите на Ишбошет и рече: „Зар сум јас песја глава? Јас денес направив милост кон домот на татко ти Саул, кон браќата негови и пријателите негови против Јуда, и не те предадов во рацете на Давид, а ти сега заради една жена бараш во мене грев!
9 Господ нека му испрати на Авенир голема казна, и уште повеќе да му додаде, ако не му го направам денес на Давид, она за што Господ се заколна:
10 Да му се одземе царствувањето од Сауловиот дом и да се постави Давид на престолот над Израел и над Јуда, од Дан до Вирсавија.“
11 И Ишбошет не можеше ништо повеќе да му одговори на Авенир, бидејќи се плашеше од него.
12 А Авенир испрати од своја страна пратеници до Давид, да кажат: „Чија е оваа земја?“ и да му кажат уште: „Склучи сојуз со мене, и раката моја ќе биде со тебе да го соберам околу тебе сиот израелски народ.“
13 Давид му одговори: „Добро, ќе склучам со тебе сојуз, само за едно те молам, односно ти нема да го видиш лицето мое, ако не ја доведеш со себе Михала, Сауловата ќерка, кога ќе дој­деш да се видиш со мене.“
14 Тогаш Давид испрати пратеници до Ишбошет, Сауловиот син, да му кажат: „Врати ја жена ми Михала, која ја добив за сто филистејски краеобрезоци.“
15 Тогаш Ишбошет испрати, та ја зеде од мажот нејзин Палтиел, синот на Лаис.
16 Со неа тргна и мажот нејзин и со плачење ја придружи до Бахурим; но Авенир му рече: „Врати се!“ И тој се врати.
17 Авенир се обрна кон старешините израелски, велејќи: „Порано вие поба­равте Давид да ви биде цар;
18 направете го тоа сега, зашто Господ рекол за Давид: ‚Преку раката на Мојот слуга Давид ќе го спасам Својот народ Израел од раката на Филистејците и од раката на сите негови непријатели.‘“
19 Истото им го говореше Авенир и на Венијаминовците. И отиде Авенир во Хеврон, за да му јави на Давид сѐ што сака Израел и целиот Венијаминов дом.
20 Авенир дојде кај Давид во Хеврон и заедно со него дваесет мажи, а Давид ги нагости Авенир и луѓето што беа со него.
21 Авенир му рече на Давид: „Ќе станам и ќе одам да го соберам околу господарот свој сиот израелски народ, и ќе склучат сојуз со тебе, и ти ќе царуваш над сите, како што сака душата твоја.“ Тогаш го отпушти Авенир, и тој си отиде со мир.
22 И ете, Давидовите слуги, задно со Јоав, се вратија од походот и донесоа со себе голем плен; но Авенир го немаше веќе при Давид во Хеврон, зашто Давид го беше отпуштил, и тој си беше отишол со мир.
23 Кога Јоав и сета војска што беше одела со него, дојдоа, му рекоа на Јоав: доаѓаше Авенир, Нировиот син, кај царот, и овој го отпушти, а тој си замина со мир.
24 И Јоав дојде кај царот и рече: „Што си направил? Ете, Авенир доаѓал кај тебе, зошто си го отпуш­тил и тој си заминал?
25 Ти го знаеше Авенир, Нировиот син: тој доаѓа да те излаже, да дознае, каде влегуваш и каде излегуваш, и да извиди сѐ што правиш.“
26 Јоав се врати откај Давид и испрати гласници по Авенир; и тие го вратија од кладенецот Сира, без да знае Давид.
27 Кога Авенир се врати во Хеврон, Јоав го одведе внатре зад вратата, небаре ќе зборува со него тајно, и таму го прободе во стомакот. И Аве­нир умре за крвта на Асаил, Јоаво­виот брат.
28 Подоцна, кога Давид слушна за тоа, рече: „Не сум виновен јас ниту царството мое пред Господ засекогаш за крвта на Авенир, Нировиот син;
29 нека падне таа врз главата на Јоав и врз целиот негов татков дом; во домот на Јоав секогаш нека има човек кој страда од капавица, или лепрозен, или што се потпира на стап, или кој паѓа од меч, или кој има потреба од леб.“
30 А Јоав и братот негов Авеса го убија Авенир, поради тоа што тој го уби братот нивни Асаил во битката кај Гаваон.
31 И Давид му рече на Јоав и на сите луѓе што беа со него: „Раскинете ги алиштата свои и облечете се во вре­ќишта и оплакувајте го Авенир.“ И царот Давид одеше по носилката негова.
32 Кога го погребаа Авенир во Хеврон, царот плачеше со висок глас над Авенировиот гроб; плачеше и сиот народ.
33 И царот го оплака Авенир, со оваа тажачка: „Зар како безумник требаше да умре Авенир?
34 Рацете твои не беа врзани, нозете твои не беа оковани; и ти падна, како што паѓаат од разбојници.“ Тогаш це­лиот народ почна уште повеќе да го оплакува.
35 Тогаш сиот народ дојде да го понуди Давид со леб, додека уште не беше се стемнило, но Давид се заколна, велејќи: „Нека ми испрати Господ голема казна и уште повеќе нека ми додаде, ако каснам леб или нешто друго до зајди­сонце.“
36 И целиот народ дозна за тоа, и тоа му се допадна, и сѐ што правеше царот, му се допаѓаше на сиот народ.
37 Тој ден целиот народ и сите Изра­елци дознаа дека убиството на Авенир, Нировиот син, не станало од царот.
38 Тогаш царот им рече на слугите свои: „Знаете ли дека денес еден водач и голем маж падна во Израел?
39 Јас сум сега уште слаб, иако сум помазан за цар, а тие луѓе, Саруевите синови, се посилни од мене; но на оној, кој прави зло, Господ да му врати според злобата негова.“