Bible

Power Up

Your Services with User-Friendly Software

Try RisenMedia.io Today!

Click Here

2 Samuel 2

:
Macedonian - 2006
1 Потоа Давид Го праша Господа, велејќи: „Да одам ли во некој од Јудините градови?“ И Господ му рече: „Оди.“ Давид пак праша: „Каде да одам?“ И Тој му рече: „Оди во Хеврон.“
2 И Давид отиде таму со двете жени свои: јизреелката Ахиноам и карме­литката Авигеја, бившата Навалова жена.
3 Давид ги одведе и луѓето што беа со него, секој со челадта своја, и се населија во градот Хеврон.
4 И дојдоа мажите Јудини и таму го помазаа Давид за цар над Јудиниот дом. Тогаш му јавија на Давид дека жите­лите од Јавеш Галаадски го погребале Саул.
5 И Давид испрати гласници до жителите на Јавеш Галаадски да им кажат: „Благословени да сте пред Гос­под, поради тоа што ја направивте таа милост на господарот свој Саул, и што сте го погребале;
6 и Господ нека ве награди со ми­лост и верност; и јас ќе ви направам добро, поради тоа што го направивте вие ова.
7 А сега нека се зацврстат рацете ваши и бидете храбри, зашто господа­рот ваш Саул умре, и домот Јудин ме помаза мене за цар.“
8 Но Авенир, син на Нир и началник над Сауловата војска, го зеде Ишбошет, Сауловиот син, го одведе во Маханаим,
9 и го постави за цар над Галаад, Ашур и Јизреел, над Ефрем и Венија­мин и над сиот Израел.
10 А Ишбошет, Сауловиот син, беше на четириесет години, кога се зацари над Израел, и царуваше две години. Само Јудиниот дом остана со Давид.
11 Давид царуваше во Хеврон над Јудиниот дом, за време од седум години и шест месеци.
12 Потоа отиде Авенир, Нировиот син, и слугите на Сауловиот син Ишбошет, од Маханаим во Гаваон.
13 Излезе и Јоав, синот на Саруја, со Давидовите слуги и се сретнаа кај Га­ваонскиот Поток, и застанаа еден од едната страна на потокот, а другиот од другата страна на потокот.
14 А Авенир му рече на Јоав: „Нека станат момците и нека се борат пред нас.“ И Јоав рече: „Нека станат.“
15 И станаа, та отидоа дванаесет Венијаминци од страната на Ишбо­шет, Сауловиот син, и дванаесетте Давидови слуги.
16 И тие се фатија еден со друг за главите, си забија еден на друг меч во слабините и паднаа заедно. И тоа место беше наречено Хелкат-Цурим, а се наоѓа во Гаваон.
17 И во оној ден стана многу жестока борба, а Авенир со израелските луѓе беше победен од Давидовите слуги.
18 Таму беа тројца синови на Саруја: Јоав, Авеса и Асаил. А Асаил беше со лесни нозе, како срна во полето.
19 Асаил почна да го гони Авенира и го гонеше, без да скршне ни десно, ни лево од стапките на Авенир.
20 Авенир се сврте назад и рече: „Ти ли си, Асаиле?“ Тој одговори: „Јас сум.“
21 И Авенир му рече: „Скршни десно или лево, избери си еден од момците и земи го неговото оружје.“ Но Асаил не сакаше да го остави.
22 И Авенир повторно му рече на Асаил: „Остави ме, да не те соборам на земја; со какво лице тогаш ќе се јавам пред братот твој Јоав?“
23 Но оној не сакаше да отстапи. То­гаш Авенир го сврте копјето и го прободе во стомакот; копјето мина низ него, и тој падна таму и умре на местото. Сите што минуваа низ тоа место, каде што беше паднал и умрел Асаил, застануваа.
24 Јоав и Авеса го гонеа Авенир. Сонцето веќе беше зајдено кога стигнаа до ридот Ама, спроти Гијах, на патот за Гаваонската пустина.
25 А Венијаминовите синови се соб­раа околу Авенир и образуваа чета и застанаа на врвот од еден рид.
26 И Авенир извика кон Јоав и рече: „Вечно ли меч ќе нѐ проголтува? Зарем не знаеш, крајот ќе биде горчлив? И кога ќе им кажеш на луѓето да прес­танат да ги гонат браќата свои?“
27 А Јоав рече: „Се колнам во Бога! Ако ти не проговореше, луѓето без престанок ќе ги гонеа браќата свои сѐ до изутрината.“
28 И Јоав затруби со труба и сиот народ застана, и повеќе не ги гонеа Израелците; битката престана.
29 Авенир, пак, и луѓето негови врвеа преку полето целата ноќ, го преминаа Јордан, минаа преку целиот Битрон и стигнаа во Маханаим.
30 Се врати и Јоав од гонењето на Авенир и го собра сиот народ, а од Да­видовите слуги, освен Асаил, недо­сти­гаа деветнаесет души.
31 А Давидовите слуги убија од Венијаминовите и Авенировите луѓе, триста и шеесет души.
32 И го зедоа Асаил и го погребаа во Витлеем, во гробот на татко му. А Јоав со луѓето свои одеше цела ноќ и во зорите стигна во Хеврон.