Bible

Elevate

Your Sunday Morning Worship Service

Try RisenMedia.io Today!

Click Here

2 Samuel 19

:
Macedonian - 2006
1 Се вознемири царот и отиде во собата над портите и плачеше и, кога си одеше, велеше вака: „Сине Авесаломе! Сине, сине Авесаломе! О, да бев умрел јас наместо тебе, Авесаломе, сине мој, сине!“
2 Му соопштија на Јоав: „Ете, царот плаче и тагува за Авесалом.“
3 И победата во оној ден се претвори во плачење за целиот народ: зашто тој ден народот слушна и велеше дека царот жали за синот свој.
4 Тогаш народот влегуваше во градот скришно, како што се притајуваат од срам луѓето што избегале од борба.
5 А царот го покри лицето и викаше силно: „Сине Авесаломе, Авесаломе, сине мој, сине!“
6 Потоа Јоав дојде кај царот дома и рече: „Ти денес ги посрами сите слуги свои, кои го спасија денес животот твој, животот на твоите синови и ќерки, животот на твоите жени и животот на твоите наложници;
7 ти ги сакаш оние што те мразат, а ги мразиш оние што те сакаат, бидејќи денес покажа дека за тебе се ништо и водачите и слугите; денес разбрав дека тебе ќе ти беше попријатно ако Авеса­лом останеше жив, а ние сите да бевме изумреле;
8 затоа стани, излези и позборувај им по срце на слугите твои; зашто, се колнам во Господ дека, ако не излезеш, оваа ноќ ниеден човек нема да остане со тебе; тоа ќе биде за тебе полошо од сите беди што те снашле од младоста до денес.“
9 Стана царот и седна крај портите, а на сиот народ му јавија дека царот седи крај портите. И сиот народ дојде пред царот кај портите; а приврза­ниците на Авесалом се разбегаа по шаторите свои.
10 И сиот народ од сите племиња Из­раелови се препираше и велеше: „Ца­рот Давид нѐ спаси од рацете на непријателите наши и нѐ ослободи од рацете на Филистејците, а сега самиот избега од оваа земја, од царството свое, од Авесалом.
11 Но Авесалом, кого го помазавме за цар над нас, умре во борбата; а сега зо­што одолговлекувате, та не го враќате царот?“
12 Тогаш царот Давид испрати да им кажат на свештениците, на Садок и на Авијатар, кажете им на Јудините старе­шини: „Зошто сакате да бидете последни во враќањето на царот во домот негов, кога зборовите на сиот Израел стигнаа до царот во домот негов.
13 Вие сте мои браќа, вие сте моја кос­ка и моја плот, зошто сакате да бидете последни за враќањето на царот во домот негов?“
14 А на Амаса кажете му: „Нели си ти моја коска и моја плот? Господ нека ми испрати тешка казна и уште повеќе да ми додаде, ако ти не станеш кај мене засекогаш воен началник место Јоав!“
15 И тој ги поколеба срцата на сите Јудини мажи како на еден човек. И тие испратија да му кажат на царот: „Врати се ти и сите твои слуги.“
16 Се врати царот и стигна до Јордан, а Јудеите дојдоа во Гилгал да го прече­каат царот и да го преведат преку Јор­дан.
17 И Семеј, синот на Гера, Венија­миновец од Бахурим, побрза и отиде со Јудејците да го пречека царот Давид;
18 а заедно со него имаше илјада луѓе од Венијаминовото племе, и Сива, слугата на Сауловиот дом, со петнаесетте синови свои и со дваесетте слуги свои; тие го преминаа Јордан пред лицето на царот.
19 Кога го доведоа сплавот, за да го пренесат семејството на царот и да му послужат, тогаш Семеј, синот на Гера, падна ничкум пред царот штом тој го премина Јордан,
20 и му рече на царот: „Господаре, не ми го сметај за престап и не го спомнувај она, со кое згреши слугата твој во оној ден, кога мојот господар излегуваше од Ерусалим, и не го ставај тоа, царе, на срце;
21 зашто слугата твој знае дека згре­шил; и, ете, од целиот Јосифов дом дојдов денес прв да го пречекам господарот свој, царот.“
22 Авеса, Саруевиот син, проговори и рече: „Зарем Семеј нема да умре, поради тоа што зборуваше лошо за помаза­никот Господов?“
23 А Давид рече: „Што сакате вие од мене, синови Саруеви, та сега ми станувате клеветници? Денес ли треба да биде убиен некој од Израел? Не знам ли јас дека денес сум цар над Израел?“
24 Тогаш му рече царот на Семеј: „Ти нема да умреш.“ И царот му се заколна.
25 Излезе да го пречека царот и Мем­фивостеј, синот на Јонатан, Сау­ловиот син. Тој не си ги беше измил нозете, не беше се грижел за брадата своја и не ги беше испрал алиштата свои од оној ден, кога царот излезе, до денот кога се вра­ти со мир.
26 Кога тој излезе од Ерусалим да го пречека царот, царот го праша: „Мем­фивостеје, зошто не дојде со мене?“
27 Овој одговори: „Господаре мој, царе, мојот слуга ме излага, зашто јас, слугата твој, си велев: ‚ќе го оседлам магарето, ќе се качам на него и ќе отидам со царот‘, бидејќи слугата твој е куц.
28 А тој го наклевети слугата твој пред господарот мој, царот. Но мојот господар, царот, е како ангел Божји: затоа прави што ти се чини добро во твоите очи.
29 И ако и целиот дом на мојот татко заслужи смрт пред мојот господар, ти сепак го постави својот слуга меѓу твои­те сотрпезници; какво право имам, пак, уште да се поплакувам пред царот?“
30 А царот му рече: „Зошто го зборуваш сето ова? Јас реков, ти и Сива да ги поделите меѓу себе нивите.“
31 Но Мемфивостеј му одговори на ца­рот: „Ако сака нека земе тој сѐ, откако мојот господар цар се врати со мир во домот свој.“
32 Дојде од Рогелим и Галаадча­нецот Верзелиј и го мина со царот Јордан за да го придружи од онаа страна на Јордан.
33 А Верзелиј беше многу стар, на осумдесет години. Тој го хранеше царот додека живееше во Маханаим, бидејќи беше имотен човек.
34 Царот му рече на Верзелиј: „Дојди со мене, и јас ќе те хранам во Еруса­лим.“
35 Но Верзелиј му одговори на царот: „Многу ли ми останува да живеам, та да одам со царот во Ерусалим?
36 Сега сум на осумдесет години; ќе разликувам ли добро од лошо? Ќе го распознае ли слугата твој вкусот на тоа што ќе го јаде и ќе го пие? И ќе можам ли да го слушам гласот на пејачите и пеачките? Зошто, пак, слугата твој да му биде товар на својот цар господар?
37 Слугата твој ќе го придружи уште малку царот од оваа страна на Јордан: зашто, впрочем, царот да ме наградува со таква милост?
38 Дозволи му на слугата твој да се врати и да умре во својот град, крај гробот на татко си и на мајка си. Но, ете, слугата твој, синот мој Кимхам, нека отиде со мојот цар господар, и ти пос­тапи со него, како што ти е волја.“
39 Царот му рече: „Нека дојде Кимхам со мене, и јас ќе направам за него, она што ти е волја; и сѐ што би посакал ти од мене, ќе направам за тебе.“
40 Тогаш сиот народ го премина Јор­дан, и царот исто така. Царот го бакна Верзелиј и го благослови и тој се врати во домот свој.
41 И царот тргна за Гилгал; тргна со него и Кимхам; и сиот јудејски народ и половината израелски народ го придру­жија царот.
42 И, ете, сите Израелци дојдоа кај ца­рот и му рекоа: „Зошто нашите браќа, мажите Јудини, те грабнаа тебе, и го преведоа преку Јордан ца­рот и челадта негова и заедно со него и сите Давидови луѓе?“
43 Сите Јудини мажи им одговорија на Израелците: „Затоа што царот ни е нам близок; и зошто се лутите поради тоа? Зар сме изеле нешто од царот, или сме добиле од него дарови?“
44 А Израелците им одговорија на Јудините мажи и рекоа: „Ние сме десет делови во царот, исто така и за Давид; зошто, пак, нѐ презирате? Нели ние пр­ви прозборевме да го вратиме нашиот цар? Но зборот на Јудините мажи беше пожесток од зборот на Израелците.“