2 Samuel 18
1 Давид ги прегледа луѓето што беа со него, и постави над нив илјаданачалници и стотници.
2 Давид ги испрати луѓето: една третина под водство на Јоав, една третина под водство на Авеса, синот Саруев, брат Јоавов, една третина под водство на Гетчанецот Итај. Тогаш царот им рече на луѓето: „И јас ќе дојдам со вас.“
3 Но луѓето му одговорија: „Не доаѓај, зашто, ние и да избегаме, тоа нема да се забележи; и половината од нас да умре, тоа исто така нема да се забележи; ти, бидејќи сам чиниш колку десет илјади од нас, затоа подобро е за нас да ни помагаш од градот.“
4 Царот им рече: „Што ќе најдете за добро, тоа и ќе го направам.“ И царот се задржа кај портите, и сиот народ излегуваше по стотици и по илјади.
5 Царот им заповеда на Јоав, Авеса и Итај, велејќи: „Зачувајте ми го момчето Авесалом.“ И сите слушнаа што им заповедаше царот на сите началници за Авесалом.
6 Излегоа луѓето во полето против Израелците, и започна битка во Ефремовата Гора.
7 И народот Израелов беше победен од Давидовите луѓе; тој ден таму имаше голем пораз, — беа убиени дваесет илјади души.
8 А битката се прошири по целата онаа земја, и гората проголта повеќе луѓе, отколку што се истреби со мечот во тој ден.
9 Авесалом се сретна со Давидовите слуги; тој јаваше маска. Кога маската навлезе под гранките на еден голем даб, косата на Авесалом му се заплетка во гранките од дабот, и тој почна да виси меѓу небото и земјата, а маската што беше под него избега.
10 Некој го виде тоа и му јави на Јоав, велејќи: „Ете, јас го видов Авесалом како виси на дабон.“
11 Јоав му кажа на човекот што му го соопшти тоа: „Ете, си видел; зошто не го кутна таму на земја? Ќе ти дадев десет шекели сребро и еден појас.“
12 И оној му одговори на Јоав: „Да ставеа во рацете мои и илјада шекели сребро, и тогаш не би кренал рака врз царскиот син; зашто ние чувме дека царот ти заповеда тебе, на Авеса и на Итај, велејќи: ‚Зачувајте ми го момчето Авесалом‘;
13 и да бев постапил поинаку во опасност по животот свој, тоа не би останало сокриено од царот, па и ти би станал против мене.“
14 Јоав рече: „Нема зошто да се занимавам со тебе.“ И зеде во рацете три стрели и ги забоде во срцето на Авесалом, кој уште беше жив на дабот.
15 Тогаш го опколија Авесалом десет момци, Јоавови оруженосци, го удираа и го умртвија.
16 И затруби Јоав со труба и луѓето што го гонеа Израел, се вратија, бидејќи Јоав го штедеше народот.
17 Го зедоа Авесалом, го фрлија во гората, во длабока јама, и натрупаа врз него голема грамада камења. И сите Израелци се разбегаа, секој во шаторот свој.
18 Уште додека беше жив, Авесалом си беше изградил споменик во Царската Долина; зашто велеше: „Јас немам син за да се зачува споменот за името мое.“ И до денес тој се нарекува Јад Авесалом.
19 Ахимаац, синот Садоков, му рече на Јоав: „Ќе трчам да му јавам на царот дека Господ преку Својот суд го спаси од рацете на непријателите негови.“
20 Но Јоав му рече: „Нема да бидеш известувач на добра вест денес; друг ден ќе јавиш, а не денес, зашто царевиот син умре.“
21 Јоав му рече потоа на Кушиј: „Оди, јави му на царот што си видел.“ И Кушиј му се поклони на Јоав и отрча.
22 Но Ахимаац, Садоковиот син, настојуваше и му велеше на Јоав: „Што и да биде, и јас ќе трчам по Кушиј“, а Јоав му одговори: „Што ти треба да трчаш, синко? Добра вест нема да однесеш.“
23 Ахимаац рече: „Така нека биде, но јас ќе отрчам.“ Тогаш Јоав му рече: „Трчај.“ И Ахимаац потрча по напречен пат и го престигна Кушиј.
24 Во тоа време Давид седеше меѓу двете порти. И стражарот излезе под вратната стреа откај ѕидот, ги крена очите и виде, еден човек трча.
25 И стражарот извика и му соопшти на царот. А царот рече: „Ако е сам, вест носи во устата своја.“ А оној сѐ повеќе и повеќе се приближуваше.
26 Стражарот виде друг човек дека трча; и стражарот му викна на вратарот: „Ете, уште еден човек трча.“ Царот рече: „И тој е известувач.“
27 Стражарот рече: „Го гледам одењето на првиот, тоа прилега на одењето на Ахимаац, Садоковиот син.“ А царот рече: „Тој е добар човек и доаѓа со добра вест.“
28 Ахимаац извика и му рече на царот: „Мир!“ И му се поклони на царот со лицето до земја и рече: „Благословен Господ, Бог твој, Кој ги предаде луѓето што беа кренале рака против мојот господар, царот!“
29 А царот праша: „Здраво ли е момчето Авесалом?“ Ахимаац одговори: „Видов голема мешаница, кога царскиот служител Јоав го испраќаше својот слуга; но не знам што стануваше таму.“
30 Царот рече: „Помести се и застани тука.“ И тој се помести и застана.
31 Ете, пристигна и Кушиј по него. И Кушиј му рече на царот: „Добра вест за господарот мој, царот! Господ ти направи денес правда, спасувајќи те од раката на сите што беа станале против тебе.“
32 А царот го праша Кушиј: „Здраво ли е момчето Авесалом?“ Кушиј одговори: „Да даде Бог со непријателите на мојот господар, царот, и со сите зломисленици против тебе да се случи истото што го снајде момчето!“