2 Samuel 17
1 Тогаш му кажа Ахитофел на Авесалом: „Ќе одберам дванаесет илјади души и ќе станам, ќе одам да го гонам оваа ноќ Давид;
2 ќе го нападнам, кога ќе биде изморен и со отпуштени раце, и ќе му влеам страв; и сите луѓе што се со него ќе се разбегаат; и јас ќе го убијам само царот;
3 и сите луѓе ќе ги свртам назад кон тебе како што невеста се врти кон својот маж. Ти ја бараш душата само на еден човек, а сиот народ ќе биде смирен.“
4 Му се допаднаа тие зборови на Авесалом и на сите израелски старешини.
5 И Авесалом рече: „Повикајте го Кушиј Аркиецот; да чуеме што ќе рече тој.“
6 Дојде Кушиј при Авесалом, и Авесалом му рече, велејќи: „Еве што кажува Ахитофел; да постапам ли според зборовите негови? Ако, пак, не, кажи ти.“
7 А Кушиј му рече на Авесалом: „Овој пат не е добар советот што го дал Ахитофел.
8 Ти знаеш дека твојот татко и неговите луѓе се многу силни и раздразливи во нивните души, како мечка в поле, чии малечки се грабнати, и татко ти е маж воин; тој нема да ноќева со луѓето.
9 Ете, тој сега се крие во некоја пештера или на друго место, и ако некој падне при првиот напад врз нив, и ако чујат и кажат: ‚разбиени се луѓето што тргнаа по Авесалом‘
10 тогаш и најхрабриот, чие срце е како лавовско срце, ќе падне со духот, зашто на сиот Израел му е познато, колку е храбар татко ти, и колку се јунаци оние што се со него.
11 Затоа јас советувам: нека се собере кај тебе сиот Израел, од Дан до Вирсавија, во мноштво како песок крај морето, и ти самиот ќе тргнеш среде него;
12 и тогаш ќе одиме против него, каде и да се наоѓа, и ќе го нападнеме, како што росата паѓа на земјата; и нема да му остане ни еден човек од сите оние што се со него;
13 ако, пак, влезе во некој град, тогаш сиот Израел ќе донесе во тој град јажиња, и ние ќе го завлечеме сѐ до реката, така што камче нема да остане таму.“
14 Тогаш рече Авесалом и сиот Израел: „Советот на Кушиј е подобар од Ахитофеловиот совет.“ Така Господ пресуди да се осуети „добриот“ Ахитофелов совет за да навлече Господ зло врз Авесалом.
15 И Кушиј им кажа на свештениците, на Садок и на Авијатар: „Така и така Ахитофел го советува Авесалом и старешините израелски, јас, пак, посоветував вака и вака.
16 И сега испратете гласници поскоро и кажете му на Давид така: да не останува оваа ноќ на рамнината во пустината, и што поскоро да помине од онаа страна да не загине царот и сите луѓе што се со него.“
17 Јонатан и Ахимаац чекаа кај Ен-Рогел. И отиде една слугинка, таа им раскажа, а тие отидоа и му јавија на царот Давид; зашто тие не можеа да се покажат во градот.
18 Ги виде едно момче и му јави на Авесалом; но тие двајцата брзо заминаа и отидоа во Бахурим, во куќата на еден човек, во чиј двор имаше бунар; тие се спуштија во него.
19 А жената зеде, та простре врз отворот на бунарот покривка и насипа одозгора прекрупа, така што ништо не се забележуваше.
20 Дојдоа Авесаломовите слуги во куќата при жената и запрашаа: „Каде се Ахимаац и Јонатан?“ А жената им одговори: „Отидоа накај реката.“ Тие ги бараа и не ги најдоа, и се вратија во Ерусалим.
21 Откако си заминаа, оние излегоа од бунарот, отидоа и му јавија на царот Давид, велејќи му: „Станувајте и што поскоро преминувајте преку водата, зашто Ахитофел даде таков и таков совет за вас.“
22 Тогаш Давид стана и сите луѓе што беа со него, и го минаа Јордан; на разденување не остана ни еден што не го премина Јордан.
23 Ахитофел, кога виде дека неговиот совет не го послушаа, го оседла магарето, се подготви, отиде во домот свој, во својот град, откако ги уреди домашните, се обеси, умре, и го погребаа во татковиот му гроб.
24 Давид стигна во Маханаим, а Авесалом го премина Јордан, тој и сиот Израел со него.
25 Наместо Јоав, Авесалом го постави над војската Амаса. Амаса беше син на еден човек по име Јитра, од Јизреел, кој се ожени за Авигал, ќерка на Нахас, сестра на Саруја, Јоавова мајка.
26 А Израел се смести во логорот со Авесалом во Галаадската земја.
27 Кога Давид стигна во Маханаим, Нахасовиот син Шовиј од Рава Амонска, и Махир, Амиеловиот син, од Ло-Девар, и Галаадчанецот Верзелиј од Рогелим,
28 донесоа десет постели, десет чинии и земјани садови, жито и јачмен, брашно и булгур, грав и леќа и печени зрна,
29 мед и масло, овчо и кравјо сирење, — донесоа храна на Давид и на луѓето што беа со него; зашто тие си рекоа: народот е гладен и уморен и жедува во пустината.