2 Samuel 15
1 Потоа Авесалом си набави коли и коњи и педесет брзоодци.
2 Авесалом стануваше изутрина рано, се запираше крај патот покрај портите и, кога некој имаше поплака и одеше кај царот на суд, тој го повикуваше и го прашуваше: „Од кој град си?“ И кога оној одговараше: „Од тоа и тоа Израелово племе е твојот слуга“,
3 тогаш Авесалом му велеше: „Ете, твоето дело е добро и праведно, но кај царот нема кој да те ислуша.“
4 И Авесалом уште велеше: „О, да беа ме поставиле мене за судија во оваа земја! Кај мене би доаѓал секој, кој има спор и поплака, и јас би судел по правда.“
5 И кога некој ќе се доближеше да му се поклони, тој ја протегаше раката и го прегрнуваше и го бакнуваше.
6 Така постапуваше Авесалом со секој Израелец, кој доаѓаше кај царот да се суди, и навлегуваше Авесалом во срцата на Израелците.
7 Откако изминаа четириесет години од царувањето на Давид, Авесалом му рече на царот: „Да одам и да го исполнам мојот завет што Му го бев дал на Господ во Хеврон.
8 Зашто јас, твојот слуга, кога живеев во Гесур, во Арам, ветив: ако Господ ме врати во Ерусалим дека ќе Му принесам жртва на Господ.“
9 А царот му рече: „Оди со мир.“ И тој стана и отиде во Хеврон.
10 А Авесалом испрати тајни гласници меѓу сите израелски племиња, велејќи: „Кога ќе чуете звук од труба, велете: ‚Авесалом стана цар во Хеврон.‘“
11 Од Ерусалим отидоа со Авесалом двесте души што ги беше поканил, и тие отидоа простодушно, без да знаат, каква е работата.
12 Авесалом испрати да го повикаат гилонецот Ахитофел, Давидов советник, од неговиот град Гилон, додека тој принесуваше жртви. И започна голем заговор и народот се собираше и се умножуваше околу Авесалом.
13 И дојде разузнавач при Давид и рече: „Срцето на Израелците се сврте кон Авесалом.“
14 Тогаш им рече Давид на сите свои слуги што беа при него во Ерусалим: „Станувајте да бегаме, зашто за нас нема спас од Авесалом; брзајте да излеземе да не нѐ затече и нѐ фати да не ни навлече зло и да го разори градот со сечилото на мечот.“
15 Царските слуги му рекоа на царот: „За сѐ што ќе заповеда нашиот господар, царот, ние сме твои слуги.“
16 Па излезе царот и по него сиот дом негов пешки. Царот остави десет свои наложници да ја чуваат куќата.
17 И излезе царот и сиот народ пешки, и застанаа кај последната куќа.
18 И сите слуги негови врвеа од двете страни негови, и сите Керетијци, сите Пелетијци и сите Гетчани — до шестотини души што беа дошле заедно со него од Гет, одеа пред царот.
19 И царот му рече на Гетчанецот Итај: „Зошто си тргнал и ти со нас? Врати се и остани со оној цар, бидејќи ти си туѓинец и си избегал од својата земја.
20 Ти си дошол вчера, а денес ќе те терам да одиш со нас ли? Јас одам, каде што можам; врати се и врати ги со себе и браќата свои; Господ нека ти подари милост и правда!“
21 А Итај му одговори на царот и рече: „Жими Господ, и жими мојот господар, царот; каде и да биде мојот господар, царот, жив или мртов, таму ќе биде и твојот слуга.“
22 Тогаш Давид му рече на Итај: „Дојди, пак, и оди со мене.“ И тргна Гетчанецот Итај и сите луѓе негови и сите деца што беа со него.
23 И целата земја плачеше на висок глас. И сиот народ минуваше, и царот го мина потокот Кедрон; и тргна сиот народ и царот по патот кон пустината.
24 Ете, и свештеникот Садок и заедно со него сите левити го носеа ковчегот на Божјиот завет, и го оставија Божјиот ковчег, а Авијатар пак стоеше на височината, додека сиот народ излезе од градот.
25 И царот му рече на Садок: „Врати го Божјиот ковчег во градот. Ако најдам милост пред очите на Господ, Тој ќе ме врати и ќе ми даде да Го видам Него и Неговото живеалиште.
26 Ако, пак, Тој каже: ‚Немам кон тебе благонаклоност‘, тогаш, ете ме; нека прави со мене она што ќе Му се види дека е добро.“
27 И му кажа уште царот на свештеникот Садок: „Гледаш ли, — врати се во градот со мир заедно со син си Ахимаац и со Авијатаровиот син Јонатан, двајцата ваши синови;
28 гледате ли, јас ќе се позабавам по рамнината во пустината, додека ми стигне известување од вас.“
29 Садок и Авијатар го вратија Божјиот ковчег во Ерусалим и останаа таму.
30 А Давид тргна кон Елеонската Планина, искачувајќи се плачеше; главата му беше покриена, и тој одеше бос; и сите луѓе што беа со него, ја покрија секој својата глава, одеа и плачеа.
31 Му јавија на Давид и рекоа: „И Ахитофел е меѓу заговорниците со Авесалом.“ И рече Давид: „Господи, Боже мој, осуети го советот на Ахитофел.“
32 Кога Давид се искачи на врвот од гората, каде што сакаше да Му се поклони на Господ, ете во пресрет му доаѓа Кушиј, Давидов прв пријател: облеката му беше раскината, и на главата имаше прав.
33 И Давид му рече: „Ако дојдеш со мене, ќе ми бидеш товар:
34 но, ако се вратиш во градот и му кажеш на Авесалом: ‚Царе, досега бев слуга на татко ти, а отсега натаму ќе бидам твој слуга‘, ти ќе можеш да го осуетиш за мене советот на Ахитофел.
35 Ете, таму со тебе ќе бидат свештениците Садок и Авијатар, и секој збор што ќе го чуеш од домот на царот, соопштувај им го на свештениците, на Садок и на Авијатар.
36 Заедно со нив таму се и двајцата нивни синови: Ахимаац, син Садоков, и Јонатан, син Авијатаров; по нив испраќајте ми ја секоја вест што ќе ја чуете.“
37 Така, Кушиј, Давидовиот пријател, отиде во градот, а во тоа време Авесалом влегуваше во Ерусалим.